Македонија
Косово упати протестна нота до Македонија, бараат итно објаснување за инцидентот со претседателката Османи на скопскиот аеродром
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека упатило протестна нота до Македонија.
Бараат итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.
Според нив, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.
„Министерката Доника Гервала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“, велат од косовското МНР.
Гервала веќе се сретнала со амбасадорката на земјава во Косово за да побара појаснување за случајот.
„Министерката оствари средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи со кого разговараше за инцидентот и за потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Гервала вчера попладне примила телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кому таа му ја изразила загриженоста на косовските институции за инцидентот“, информираа од косовското МНР.
По инцидентот реагираше и Кабинетот на Вјоса Османи од каде ја изразија својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.