Македонија
Кој е Дрин Ахмети: го слави чичко Али во воена униформа, паралелно студирал на два факултета водејќи фирма – а за капиталот ни збор

Дрин Ахмети јавноста го запозна како внук на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој себеси се опишува како „упорен, непоколеблив, лојален“. Кога јавноста дозна дека Дрин има 24 години, а веќе е бизнисмен и дел од корзорциум на компании – бараше одговори како успеал да стекне таков капитал. Тој не одговори на ова прашање, но рече: „Имав 18 години кога почнав истовремено да работам и да студирам и тоа помогна во моето искуство“. Вели дека чичко му Али не му помогнал во бизнисите, но и покрај тоа, тој агитирал за гласови на избори и има само пофални зборови.
Студирал на два универзитета
Го интересирало бизнис-менаџмент, финансии и банкарство, инженерство за нафта и гас. Ахмети посочува дека студирал на два универзитета. Во Македонија се едуцирал на приватниот Американ колеџ, каде што студирал две години. Потоа отпатувал за Рим и се запишал на државниот „Тор Вергата“, каде што исто студирал две години, иако според веб-страницата на Универзитетот „Тор Вергата“, времетраењето на студиите е три години.
Според неговиот профил на „Линкд ин“, на двата факултета студирал во исто време. Дополнително, на двата факултета учел иста струка – бизнис-менаџмент. Штом завршил со овие студии, се запишал на финансии и банкарство, исто така на Американ колеџ, кои ги завршил во 2021 година.
Последно, во делот за едукација, Дрин Ахмети напишал дека завршил постдипломски студии на Универзитетот „Дјук“ во САД на отсекот инженерство на нафта и гас, каде што поминал една година.
„Тука стекнав многу конекции во САД“, рече Ахмети за постдипломските студии.
Ем студира ем води фирма
Пред медиумите Дрин Ахмети објаснуваше дека бргу напредувал во кариерата бидејќи истовремено додека студирал, водел и фирма. Тој посочува дека така го стекнал и искуството. Не објасни пред новинарите што конкретно работел и како ги стекнал пријателствата што го водат и до високи политичари во САД.
Веќе е познато дека тој е сопственик и управител на три компании, и тоа: „Тхор индустриес“; кичевската „Хелиос плант“ за производство на електрична енергија; „Еверест ЏД“, која исто така со седиште во Кичево, а се занимава со градежништво.
За стекнувањето на капиталот, не зборуваше иако со „Тхор индустриес“ ја купува „Соравија“. Засега не се открива ни колку пари дал за да го преземе бизнис-центарот, чија вредност се проценува на 31 милион евра, заедно со друг албански бизнисмен.
„Јас ја имам ‘Потам плант’, фирма за производство на обновлива енергија. Втора компанија е ‘Хелиос плант’, каде што имам 33 % од сопственоста, таа е за проекти за обновлива енергии – моментално не работи, инвестицијата чинеше 15 илјади евра од тројца партнери. И јас ја основав ‘Тхор индустриес’“, раскажа Ахмети.
Профилна на „Фејсбук“ со чичкото Али со амблем на УЧК, објави со сенатори и политичари од САД
За разлика од „Линкд ин“, каде што бизнисменот Дрин е официјален, ја има само биографијата, но и фотографии со странски политичари – на „Фејсбук“ е многу поинаку.
Тој можеби нема јавно објавена фотографија на „Фејсбук“ со чичко си Али, но има профилна фотографија со ликот на лидерот од ДУИ, облечен во воена униформа со амблемот на УЧК. И ова не е единствената, има уште четири вакви. Три од јавните фотографии се со логото на ДУИ. Една е со УЧК. Во објавите на Дрин со фотографиите од Али повикувал на гласови за ДУИ пишувајќи само пофални зборови.
„Од амблем на војна до симбол на мир, стабилност и правда. Секоја титула е малку за тебе, чичко!“, пишал Дрин Ахмети во 2020 година, а веќе наредната објавил фотографија со логото од ДУИ.
Повикувајќи на гласови за изборите во 2020 година, Дрин објавил фотографија со чичко си Али, кој е фотографиран со знаме на ЕУ и Америка. Им се обраќа на младите гласачи и ги прашува: „Дали Албанците од овие краишта мислеа дека ќе дојде денот кога вековната гордост на албанскиот сопственик на куќата ќе се врати во сопствената куќа, денот кога без политичка реторика, насекаде ќе зборуваме албански!“
На „Фејсбук“ има и низа фотографии од САД, а две од нив се и на „Линкд ин“. Најнова е последно објавената со Рон де Сантис, потенцијален кандидат на републиканците за следните избори во САД.
„Со гувернерот Рон де Сантис за време на вечерата на Линколн Реган во округот Харис“, напишал Дрин Ахмети.
Респоделил и објава од сенаторот Рафаел Едвард Круз, исто член на Републиканската партија, кој пишува дека се сретнал со делегација од Северна Македонија што сака да инвестира во Тексас.
„Правилната геополитичка поставеност е највредното богатство“, напиша Дрин Ахмети со реобјавата на фотографијата.
Го изнафали чичкото, па коментира: „Не сум тука да давам политички изјави“
Прес-конференцијата на Дрин Ахмети, кој во јавноста сака да се наметне како бизнисмен, а се доживува како внук на Али, траеше повеќе од еден час. Но, ниту ова време не беше доволно да се одговорат сите прашања. Впечатлив беше делот како дошло до купувањето на „Соравија“ и дека мотивација во животот му бил лидерот на ДУИ.
„Тој беше мотивација во текот на целиот мој живот. Тој помогна да се зачува државата денеска. Ние немаше да ја имаме Македонија денеска ако го следевме Љубчо Ѓоргиевски. Не сум тука да давам политички изјави. Тој нема никаква врска со мојот бизнис“, рече Ахмети.
Виновни му се медиумите оти го поврзуваат неговиот бизнис со чичко му Али.
„Ова што го прават медиумите сега е на штета на мојата мрежа на соработници. Луѓе од Америка ме прашуваат: што ти се случува со македонските медиуми, ти правиш сè по прописи“, рече Дрин Ахмети додавајќи дека да се случело тоа во САД, со медиумите би се објасниле на суд.
Пред една недела ретко кој од јавноста имаше чуено за Дрин Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен кичевец, со секира ги нападнал родителите, таткото починал

Утрово полицијата во Кичево го уапси Е.А. (48) оти со секира ги нападнал родителите и си го убил таткото.
„Околу 07 часот во ПС Кичево од Итната медицинска помош Кичево, било пријавено дека кај нив се јавил Е.А. и кажал дека во семејната куќа во с. Србјани со секира ги нападнал неговите родители. Со возило на Итна медицинска помош двете лица се пренесени во Медицинскиот центар Кичево, каде У.А.(74), татко на сторителот, им подлегнал на повредите а Ф.А.(67), мајка на сторителот, е во неконтактибилна состојба. Е.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава“, извести Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Секаде во светот училиштата се користат за учење, а СДС во Струмица ги користи за партиски состаноци, обвини ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Социјадемократслиот сојуз (СДСМ) за партиски состаноци во училиште во Струмица.
„СДС продолжува да докажува како тие ја користат власта, онаму каде што останаа власт. СДС продолжува да докажува дека нема желба за промена, туку дека им одговара терминологијата – „како до сега”.
Во Струмица, каде што градоначалник е Костадин Костадинов, од редовите на СДС и близок човек на Заев, ја искористува општината за партиски цели.
Во општинско училиште во Струмица, партиските структури на СДС си одржуваат состаноци. На фотографии кои се веќе во јавноста, јасно се гледа дека училиштето е специјално отворено во доцните часови, за активисти на СДС да имаат состанок.
Ова е уште еден доказ за лошото владеење на СДС. Ниту сакаат, ниту имаат желба за промена. Ова е вистинското лице на СДС кое за жал ја упропасти државата во минатото.
СДС ја сака власта исклучиво за партиски цели“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Венко демантира поседување виза, Филипче признава дека бојата на визата е златна

Откако пред неколку недели, Венко демантираше дека имал златна виза во Дубаи, Филипче сега веќе си признава дека имал златна виза, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко прво рече дека нема виза, па Филипче рече дека имал виза. Венко рече дека визата му била обична како и на обичен граѓанин, па Филипче призна дека визата била златна. Венко рече дека златната виза не му била поврзана со Дубаи, па Филипче рече дека била за преговарање со болница. И Венко и Филипче, јавно треба да му одговорат на македонскиот народ. Како се добива златна виза за преговори? Зошто визата ја криел? Зошто нема ниту еден доказ за постоење на каква било приватна болница поврзана со него? Во кое својство преговарал – како министер, пратеник, партиски функционер или приватен бизнисмен? Доколку визата не е заради инвестиции, тогаш за што е? И што точно е ставено на „стенд бај“ – некоја болница или нечија совест?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека македонското здравство тонеше, според ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче во Дубаи преговарал за „приватни’’ потреби.