Македонија
„Кој му ги дал службените тајни на обезбедувачот на Мицкоски“, прашува СДСМ

„Обезбедувањето на Мицкоски е составено од најголемите криминалци во државата, кои тој лично ги одбрал на тие позиции. Оттука се поставува прашањето: дали и самиот е лично вклучен и ги диригира криминалните процеси во земјата?“, велат од СДСМ.
„Пред само неколку месеци, шефот на неговото обезбедување претепа полициски службеници и спречи полициска акција за сузбивање на дрога — настан што и тогаш МВР се обидуваше да го прикрие.
Вчера, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец. МВР цел ден се обидуваше да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите кои ја дознаа вистината, беше принудено да излезе со информација во јавноста.
Ова ли се луѓето што ќе го „ресетираат“ системот?
СДСМ изразува сомнеж за постоење на силна координација и соработка меѓу најблиските луѓе на Мицкоски и криминалното подземје. Не е ни чудо што криминалот и уличните пресметки во државата во последните девет месеци се на историски највисоко ниво.
СДСМ прашува: дали обезбедувањето на Мицкоски самоволно делувало, или било испратено да пренесе информации, бидејќи тој лично, согласно своите надлежности, нема пристап до доверливи податоци? Кој му ги дал тие информации и кој ја диригира целата соработка со нарко-клановите од институциите?
Состојбата со безбедноста е крајно загрижувачка, а очигледно е дека криминланите структури во земјата имаат директен пристап и информации од најблиските луѓе на Мицкоски. Ова значи дека криминлаот во државата ќе ја владее државата и Мицкоски и ДПМНЕ се директни соучесници во тоа“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.