Македонија
Кривична пријава поради измама со ортопедски помагала, Фондот оштетен за 8,7 милиони денари

Управата за финансиска полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против И. Т. во својство на управител на правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и против правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Првопријавенaта во период од 2014 до 2016 година дала лажна изјава заверена на нотар, со која потврдила дека ортопедското помагало што го набавува и фактурира кон Фондот за здравствено осигурување со назив „ортоза за колк со зглоб“ е соодветно и одговара на помагалото „натколен пластичен апарат со зглоб во колено и глужд“.
Од Финанската полиција велат дека иако била свесна дека таквото помагало не одговара на медицинските индикации и дијагнози, го измамила и го довела во заблуда Фондот за здравствено осигурување да склучи договор за издавање ортопедски и други помагала за периодот од 1.1.2014 до 31.12.2016.
„Во текот на овие години, пријавената извршила набавка и испорака на 171 несодветно помагало со назив „ортоза за колк со зглоб“ притоа фактурирајќи ги кон Фондот за здравствено осигурување под шифра 2105 и назив „натколен пластичен апарат со зглоб во колено и глужд“ и на кој начин пријавените стекнале противправна имотна корист во износ од 763.470 денари во текот на 2014 година, 5.038.902 денара во текот на 2015 година и 2.901.186 денари во текот на 2016 година, односно вкупно 8.703.558 денари и за овој износ е оштетен буџетот на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.