Македонија
Кривична против ексминистерката Бисера Костадиновска-Стојчевска за злоупотреба на службена положба и овластувањето
Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација, со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за финансиски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ против Б. К. С. од Битола како поранешен министер во Министерството за култура.
Имено, пријавената Б. К. С., во својство на службено лице – избран министер во владата на РСМ за Министерството за култура, на 19.2.2024 ја злоупотребила својата службена положба и овластувањето со неизвршување на својата службена должност на начин што по донесената одлука од Советот на Град Скопје и заклучокот од владата на РСМ за пренесување на правото за реконструкција, доградба и надградба на постојниот објект Универзална сала во Скопје, како и по склучен договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје како сопственик и Министерството за култура како нов инвеститор, и покрај тоа што Министерството било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако во согласност со одредбите на Законот за јавните набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила договор за преземање и отстапување права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115.173.789 денари, во согласност со кој Министерството наводно ги презело истите права, обврски и вредност од претходно склучениот договор помеѓу Град Скопје и истото тоа правно лице, иако знаела и била свесна дека претходно склучениот договор за јавна набавка помеѓу Град Скопје како договорен орган и правното лице како носител на набавката за реконструкција на објектот на 4.9.2023 година бил со истечен рок за изведба на работите за што од страна на договорниот орган Град Скопје на електронскиот систем за јавни набавки – ЕСЈН на 18.9.2023 година било прикачено и известување за реализиран договор и предметот кај договорниот орган Град Скопје бил архивиран како завршен и како таков договорот не претставува правен валиден акт, кој може да биде преземен врз основа на кој нов договор по доставени две привремени ситуации од страна на изведувачот за изведени работи, таа на правното лице му исплатила вкупен износ од 27.197.845 денари, со што му овозможила на правното лице од Скопје како изведувач на работите да стекне противправна имотна корист во наведениот износ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

