Македонија
(Видео) Крпен студентски живот: 61 денар за оброк дневно, еден килограм месо месечно
Просечно по 61 денар се издвојува дневно за оброк за станарите во студентските домови. На секој станар му следуваат по еден килограм свинско место и 472 грама говедско месо месечно. Ова го покажуваат анализите од истражувањата на Europe House МОФ. Тие денеска ги презентираа двете истражувања за студентски стандард, и тоа: „Како се трошат средствата на Државниот студентски дом Скопје“ и „Перцепции за корупција на станарите во ДСД – Крпен студентски живот“.
Целта на овие две истражувања е да се види и утврди во колкава мера буџетот на ДСД и неговото трошење на ги задоволува потребите на станарите во „Кузман Јосифовски – Питу“, „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.
„Просечниот буџет на Државниот студентски дом Скопје изнесува 3,5 милиони евра – за 10 месеци престој на студентите, плати за вработените и трошоци за функционирање на домовите. Уделот во буџетот за платите на вработените е речиси двојно поголем од трошоците на ДСД за храна на станарите. Од склучени вкупно 193 договори за јавни набавки, 67 се за обезбедување храна. Ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, доаѓаме до просечна сума од 61 денар дневно, која се издвојува за оброците на станарите. Ако набавената храна се спореди со вкупниот број корисници на студентските мензи, доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат 1 килограм свинско и 472 грама говедско месо месечно“, вели Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ.
Предмет на истражување биле трите дома кои спаѓаат во Државниот студентски дом. Податоците покажуваат дека има пад во бројот на станарите во „Гоце Делчев“, меѓутоа ова се должи на тековното реновирање на просториите, од друга страна, „Кузман Јосифовски – Питу“ има тенденција во пад на бројот на станари и без затворање делови за интервенции и реновирање. Најголем дел од расходите на Владата во периодот што се анализира е наменет за стипендиите за станарите, односно субвенционирани легла и исхрана.
Теренското анкетирање е направено во трите студентски дома и на скала од 1 до 5 квалитетот на живот е оценет со 2,5, а отскокнува оцената на станарите во „Гоце Делчев“ – 3,7. Најголем недостиг се забележува кај средствата и просториите за учење, како компјутери и читалници.
Генерално, станарите се незаинтересирани за начинот на работа на домовите. Животот во студентски дом го избираат токму поради ниската цена за домување, добивање легло и оброци. Станарите велат дека поради низок степен на грижа и одржување хигиена од страна на станарите – домовите се наоѓаат во состојбата во која се, но, од друга страна, за ова значително придонесуваат ниските средства со кои располага ДСД. 91 отсто од станарите никогаш не биле консултирани, околу 19 отсто немаат време, а 18 отсто не се информирани како да се вклучат, не веруваат дека нешто може да променат, а загрижува тоа што 10 отсто веруваат дека во донесувањето одлуки се вклучени само оние студенти што се блиски до раководството на домовите.
40 отсто од станарите никогаш не го прочитале Законот за студентскиот стандард, а исто толкав процент не знаат дека постои извештај за работата на ДСД. 57 отсто познаваат некој што преку врски и познанства добил студентско легло, односно подобро студентско легло. 55 отсто од испитаниците споделија дека леглата се распределуваат по партиска припадност.
14 отсто од станарите не знаат каде да пријават корупција, која е постапката што треба да ја преземат иако се свесни дека треба, оние што нема да пријават се плашат да не го изгубат леглото во студентскиот дом (15 отсто), што се јавува како главна причина за непријавување веднаш по оние 30 отсто дека ништо нема да се промени, дури и ако пријават.
Државниот студентски дом треба да направи соработка со повеќе државни иституции затоа што не може да функционира како посебна институција, без помош од други институции. Оваа година е особено важно ДСД да обезбеди фер избори на претставници на станарите за студентите конечно да имаат тело што ќе ги претставува. Треба да ги информира станарите за нивните права и можности за учество во донесувањето одлуки, како и да прави редовна годишна евалуација за да се има јасна слика за потребите на станарите што ќе се вклучат во годишните програми за работа, се вели во истражувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

