Македонија
Кузеска: Со изборот на Мизрахи во Извршниот комитет, Мицкоски ја потврди антиевропската матрица на ВМРО-ДПМНЕ

Со изборот на Рашела Мизрахи за член на Извршниот комитет се потврдува дека ВМРО ДПМНЕ е против интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, изјави на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа вели дека составот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, скроен по желба на Христијан Мицкоски, има единствена цел да му ја спаси лидерската фотелја во белата палата.
„Мицкоски ја избра токму Рашела Мизрахи да го брани пред своите, пред членовите на ВМРО ДПМНЕ, истата која како министерка во техничката Влада ги спроведуваше деструктивните политики на Мицкоски, за што го прекрши Уставот и постоеше опасност да го загрози евроинтегративниот процес на земјата. Наместо да работи на обезбедување услови за фер и демократски избори, што е и главната е единствена функција на техничката Влада, Мизрахи спроведуваше евтин популизам, водена од партиските интереси и интересите на Мицкоски, за што и беше разрешена од Собранието на Република Северна Македонија“, рече Кузеска.
Додаде дека главната цел на Мицкоски, којашто се обидувал да ја реализира преку Мизрахи, била да се поткопа успехот на државата и да се загрози процесот за влез во Европската Унија.
СДСМ обвинува дека Мицкоски и неговиот Извршен комитет немаат намера да делуваат конструктивно, ниту сакаат државата да ја видат во ЕУ, туку единствена цел им е спас на Христијан Мицкоски и спроведување наредби од Никола Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Воведени нови летови од скопскиот аеродром до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага

Скопје се поврзува со уште пет нови дестинации. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Утрово потпишавме Договор за 5 нови дестинации кои што ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолетови кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм- Скопје. Исто така, веќе од месец ноември почнува редовна авионска линија Мадрид- Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари- Скопје, од декември Келн- Скопје и исто така од декември почнува и редовна авионска линија Прага -Скопје. Ова се пет нови авиолинии кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром“, рече Николоски.
Македонија
Зголемен број на туристи во Македонија, земјата станува сѐ поинтересна за Германците, Французите, Британците…

Анализата на туристичкиот тренд во првите пет месеци од 2025 година покажува дека Македонија бележи интензивирање на туристичкиот промет и зголемување на интересот на странските туристи од западноевропските земји, пред сè, од: Франција, Германија и Велика Британија.
Министерството за култура и туризам ги анализираше најновите податоци за движењето на странските туристи во Македонија за првите пет месеци од 2025 година, во однос на истиот период во 2024 година, при што е забележан пораст од 23,6 % кај странските туристи и раст од 18,7 % кај остварените ноќевања.
Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година.
Посебно се издвојува Германија со раст од 219 % во бројот на туристи и 146 % во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 % повеќе туристи и 303 % повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 % во бројот на туристи и 139 % во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилен раст од 11 % во бројот на туристи и 21 % во ноќевањата, задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број на туристи и ноќевања. Овие резултати ја потврдуваат позитивната динамика и зголемениот интерес за Македонија како атрактивна туристичка дестинација на европската мапа.
„Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење затоа што создава континуирана туристичка активност низ целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители, и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри“, соопшти Министерството и најави дека ќе ги искористи овие податоци за прецизно насочување на промотивните активности, подготвување на програмата на секторот туризам, јакнење на авионските врски со новите пазари и активна поддршка на туристичките оператори.
Македонија
Обезбедени 42.3 милиони денари финансиска поддршка за ранливите потрошувачи на струја

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека Владата ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, a во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со социјални и здравствени предизвици.
Со оваа Програма се обезбедуваат 42.300.000 денари од државниот буџет, наменети за директна финансиска поддршка за најзагрозените категории на граѓани,
„Програмата има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за оние на кои им е најпотребна. Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и оние кои користат гарантирана минимална помош“, велат од Министерството.
Корисници на оваа програма се домаќинствата кои остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или потполно глуви лица.
За оваа втора категорија, Програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.
Финансиската поддршка ќе се доделува според принципот најниски приходи, се до исцрпување на средствата и тоа:
-2. 300. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост,
– 19. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост,
– 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно слепо лице и
– 12. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно глуво лице.
Заинтересираните граѓани ќе можат да аплицираат преку јавен оглас кој ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk) и во два дневни весници. Огласот ќе биде со рок за пријавување од 30 дена. Образецот за пријава ќе биде достапен на интернет, како и во архивата на Министерството, а апликантите ќе треба да приложат и документи со кои ја докажуваат исполнетоста на условите за финансиска поддршка.
Распределбата на средствата ќе се врши согласно специфичните потреби на целните групи: 2,3 милиони денари се наменети за домаќинства со лица со тешка интелектуална попреченост, 19 милиони за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони за домаќинства со потполно слепо лице и 12 милиони денари за оние со потполно глуво лице.
Процедурата за селекција ќе ја спроведат четири комисии составени од вработени во Министерството, поделени според видот на попреченост на лицето во домаќинството. Комисиите ќе ги разгледуваат пристигнатите барања и ќе утврдат кои кандидати ги исполнуваат условите. Списокот на корисници кои ќе добијат финансиска поддршка ќе биде јавно објавен.
Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период.
Сите информации, јавниот оглас и образецот за пријава ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Од Министерството апелираат сите кои исполнуваат услови навремено да се информираат и да аплицираат во предвидениот рок.