Македонија
Кузеска: Трагедијата во Кочани покажа длабоки пропусти на МВР, мора да има одговорност

Најтешката трагедија во поновата историја на нашата држава – трагедијата во Кочани – однесе уште една жртва. Болката се уште е огромна, а прашањата за одговороност за институционалните пропусти– сè погласни. Трагедија со вака тешки последици, со толку голем број на жртви повикува на неселктивна истрага и одговорност од сите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа рече дека и покрај сите пропусти непосредно на денот на кобната ноќ и пред тоа, сè уште ниту еден командир, инспектор, началник или функционер на МВР – од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ – не е повикан на распит, ниту опфатен со истрагата. А токму тие биле на функција, имале законска обврска и должност да постапат на 16 март.
„Законот за јавни собири јасно вели дека за масовен настан со над 600 луѓе, мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако не бил формално пријавен.
Факт е дека МВР не постапило соодветно, не изготвило безбедносен план, не направило проценка на ризик, иако настанот бил јавно најавен.
Исто така, МВР е надлежно за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор – која што е основна причината за пожарот.
Полицијата, која била на лице место кобната ноќ во диското – видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца – и не презела ништо!
Значи сите контролни механизми и безбедноста кои се во надлежност на МВР – особено Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани затаиле.
Како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функцинери кои биле на позиции тој ден?
Еден од тие функционери е Томо Донев, началник на криминалистичка полиција во Кочани.
Тој е фотографиран на партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ иако според Законот, забранета е политичка активност за полициски службеници.
Јавно прашуваме:
Дали поради оваа близина со ДПМНЕ досега не се опфатени со истрагата актуелни фукцинери од МВР?
Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на одговорност и правда.
Граѓаните, жртвите и нивните семејства заслужуваат одговори а јавноста бара одговорност, од прв до последен“, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Илинден се одржа меѓународен фолклорен фестивал „Св.Троица“

Во амфитеатарот при Домот на култура „Илинден“ во Општина Илинден, се одржа единаесеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“. Организатор на фестивалот е КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, под покровителство на Општина Илинден.
Фестивалот започна со свечено дефиле, на кое сите учесници, придружувани од звуците на зурли и тапани, тргнаа од основното училиште „Гоце Делчев“ и се упатија по главната улица во Илинден, преку кружниот тек каде беше одиграно најголемото интернационално оро, па сè до Домот на културата „Илинден“, каде се одржаа настапите. На сцената продефилираа фолклорни ансамбли од Романија, Бугарија, Словенија и Србија, како и ансамблите КУД „Гоце Марковски“ и АНПИ „Илинден“ од Скопје.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на гостите како признание за придонесот во зачувување и промоција на културата, но и како трајно сеќавање за учество на фестивалот им додели пригодни подароци со главното обележје – грбот на Општина Илинден. Градоначалникот нагласи дека Општина Илинден ќе продолжи да го поддржува ширењето и чувањето на културното богаство.
„Целта на овој фестивал е токму преку фолклорот да се зближат народите и да се поттикнат нови пријателства. Но, и младите да се едуцираат како за убавините на македонскиот фолклор, култура и традиција, така и за културите на другите земји“, велат од Општина Илинден.
Македонија
Минчев: Силна јавна администрација како основа за силна Македонија

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на свеченото отварање на 30-ти Јубилејни спортски игри и средби на Синдикатот на УПОЗ, кое се одржа во Охрид. Во своето обраќање, Минчев истакна дека овие игри не се само спортска манифестација, туку и симбол на заедништвото, солидарноста и силата што доаѓа од заедничката борба на јавниот сектор и синдикатите.
„Денес не отвораме само спортски игри. Денес отвораме едно поглавје на заедништво, истрајност и солидарност што трае веќе 30 години. Јубилејните игри на Синдикатот на УПОЗ се не само симбол на спортот и дружењето, туку и на борбата за правата и достоинството на трудот во јавниот сектор“, изјави Минчев.
Министерот потенцираше дека јавната администрација е срцето на државата и истакна дека само преку силна, обучена, мотивирана и заштитена јавна администрација може да се создаде држава која ќе му служи на граѓаните, а не на интересите. Тој истакна дека реформите во јавниот сектор треба да се темелат на човекот и на неговите права, а не на партиски интереси.
„Македонија не е само територија, Македонија сме ние, секој службеник, секоја медицинска сестра, наставник, полицаец, инспектор. Македонската администрација е основата на секоја модерна и успешна држава“, нагласи Минчев.
Министерот на крајот на своето обраќање им посака успех на учесниците на спортските игри и истакна дека вистинската сила лежи во заедништвото и поддршката на секој поединец во јавниот сектор.
„Нека овие игри бидат потсетник дека вистинската сила лежи во заедништвото. Нека вашата борба и денес биде борба за подобра иднина, не само на теренот, туку и во секоја канцеларија, на секој шалтер, на секое работно место кај што твори јавниот службеник“, заврши Минчев.
Македонија
СДСМ нема да му се извини на Љутков: „Сѐ што објавивме е вистина“

Од СДСМ велат дека нема да му се извинат на министерот за култура, Зоран Љутков, затоа што, како што велат од партијата, сѐ што објавиле за него е вистина, а имаат и документи кои го потврдуваат тоа.
„СДСМ не може позитивно да одговори на барањето за извинување на министерот за култура и туризам Зоран Љутков затоа што ја објавивме вистината. Зарем очекува Љутков да му се извинуваме за тоа што СДСМ, а не тој, зборувавме за не исплатените плати на културните работници за Велигден кои тој ги остави сами себе? Или очекува да му се извинуваме што ја соопштивме болната вистина за непочитување на колективниот договор, според кој платите се зголемија само за 5,5 %, а требаше многу повеќе? Дали Љутков очекува да му се извинуваме и затоа што го фативме жив на егзотичните патувања вредни над 50.000 евра, пари на граѓаните? Или за неговото незаконско работење со унапредувања на негови блиски?“, прашува СДСМ.
Од партијата го прашуваат министерот дали очекува извинување затоа што објавиле низа скандали со државната секретарка Ѓоргова или за плановите за продажба на културното наследство?
„Или мисли дека некој треба да му се извини затоа што Љутков нема објавено никаква стратегија или план за развој за културата и туризмот. Она што го говори СДСМ е апсолутна вистина и затоа ги објавуваме документите кои го потврдуваат кажаното“, велат од СДСМ.
Партијата очекува надлежните институции веднаш да преземат мерки за санкционирање.
„Ние ќе продолжиме да ги објавуваме сите незаконски постапки, сите аздисувања на Љутков и гласно ќе говориме за неговата неспособност“, велат од СДСМ.