Македонија
Лазаревска: Новиот закон ќе овозможи основно образование ослободено од дискриминација
Со реформите во образованието децата ќе се воспитуваат во духот на интеркултурализмот и интеркултурната интеракција, рече Жаклина Лазаревска, пратеничка од СДСМ, на прес-конференција, додавајќи дека децата веќе нема да учат да живеат едни покрај други, туку едни со други.
„Собранието го усвои законот за основно образование, кој е прогресивен и по сите европски стандарди и за разлика од досегашното законско решение нуди квалитет и во образовниот и во воспитниот процес, како и целосна инклузија на децата“, истакна пратеничката од владејачката партија.
Како што посочи таа, законот обезбедува образование ослободено од дискриминација и во согласност со заложбите за еднакво општество за сите.
„Се намалува бројот на учениците во паралелките, кои сега ќе бројат меѓу 20 и 30 ученици. Тоа овозможува простор за наставникот да има поголема интеракција со учениците и на секое дете да му посвети поголемо внимание, како образовно така и воспитно. Создаваме услови за организирање на учениците во заедница на паралеки, со што ги мотивираме на активизам и самите преку ученички парламент и ученички правобранител да учествуваат во креирањето на училишните политики“, ги објасни Лазаревска некои од законските одредби.
На крајот таа ја изрази својата убеденост дека новиот закон за основно образование ќе придонесе за градење здрава и образована младина, која, како што рече, е предуслов за градење здраво, граѓанско и просперитетно општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трајчулески: За ДПМНЕ, партиските интереси се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот
Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот, па место да ја продолжи постапката за носење закон за основање Агенција за безбедност на патиштата, ним поважни им се кадровските промени во составот на советот, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница.
– За какви реформи зборува ДПМНЕ, кога законот за изменување и делување на безбедност во сообраќајот на патиштата, кој го предлагаат, има единствена цел-промена на персоналниот состав на советот. Овој начин на кадровски промени стана пракса и мантра на владејачката коалиција. Во образложението на законот е наведено дека една од причините за оваа измена е уредување на бројот на членови на советот како и условите за именување на претседател, без притоа да се наведат соодветно образование или пак, работното искуство од областа на безбедноста во сообраќајот на патиштата, рече Трајчулески.
Јасно е дека за власта поважни се политичките калкулации одошто безбедноста на граѓаните во сообраќајот. И со донесувањето на вакви законски решенија, објасни Трајчулески, се прави опасен преседан со големи последици.
– Ако зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата, зборуваме за човечки животи и тука најмалку тука треба да тераме политика. Она што очекував од новата влада е да ја продолжи постапката на СДСМ, за носење на законот за основање на Агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата. Реформски закон кој долго време беше работен во рамките на министерството за транспорт, каде беа вклучени сите релевантни институции и со поддршка на експерти од ЕУ и за кој остана да се завршат финалните усогласувања. Тоа е реформата за која сите треба да се залагаме. А, не главна цел да бидат кадровските промени во составот на советот за безбедност на сообраќајот на патиштата и политичките интереси и калкулации на власта“, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.
Македонија
Средба на министерот Владо Мисајловски со амбасадорот Црна Гора, Н.Е. Зоран Миљаниќ
Министерот Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана оствари средба со амбасадорот Црна Гора, Н.Е. Зоран Миљаниќ .
Мисајловски му посака успешна дипломатска мисија на амбасадорот Миљаниќ и изрази задоволство од досегашната билатерална одбранбена соработка со Црна Гора.
На средбата се разговараше за продлабочување на сојузничката соработката меѓу двете земји и за интензивирање на интегративните процеси за пристапување кон Европската Унија со една цел, стабилен, безбеден и просперитетен регион.
Македонија
Лашкоска: Споредбените анализи ни помагаат во дефинирање на приоритетите, перспективите и потенцијалот за конкурентност на Северна Македонија
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска го отвори настанот „Изгледите за конкурентност на Западен Балкан за 2024 година“ на кој беа презентирани специфичните клучни наоди за економскиот профил на нашата држава од евалуацијата спроведена во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
– Од страната на МЖСПП, имплементираме многу проекти подржувани од ЕУ преку ИПА програмата, меѓу кои имаме и големи инфраструктурни проекти вклучени во националните стратегии, за кои е потребна здрава економија – истакна Лашкоска во своето обраќање.
Според неа, МЖСПП веќе има постигнато значителен напредок во областа на животната средина, но остануваат уште многу предизвици во спроведувањето на проектите и политките.
– Затоа алатката создадена од податоците пренесени од евалуцијата, ќе ни покаже во кои области ќе треба да ставиме приоритет. Таа евалуација ќе ни даде можност да се споредиме со другите земји од регионот, но и со земјите членки на ЕУ и ОЕЦД во правец на подобрување на нашите општи политики за владеење – рече заменик министерката.
На настанот се дискутираше за главните постигнувања и предизвици во економијата на нашата земја, за перспективите и потенцијалот за конкурентност на Северна Македонија, поттикнувањето на одржлив раст и забрзување на нејзиното приближување кон земјите членки на ЕУ и ОЕЦД.
Дискусиите беа насочени и кон економските перформанси во политиките за животна средина и споделувањето на најновите насоки и стандарди за политики на ОЕЦД.