Македонија
Лазаревски: Концесионерот на „Дрисла“ имаше обврска да инвестира 70 милиони евра, но останавме со купишта ѓубре
Со депонијата „Дрисла“ повторно ќе управува Град Скопје, што значи дека ние граѓаните повторно сме сопственици на градската депонија, изјави Васко Лазаревски, советник во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ.
Тој рече дека по деветгодишно сомнително функционирање и неисполнување на договорот за инвестиции и модернизирање на депонијата од страна на италијанскиот концесионер, Град Скопје преку законита, легална и правна процедура, преку судските институции ја вратил „Дрисла“ под свое владение.
„Заклучно со 2019 година, концесионерот имаше обврска да инвестира 70 милиони евра во реконструкција и обнова на депонијата, како и во зголемувањето на нејзиниот капацитет. Но, наместо тоа, ние граѓаните останавме со истите купишта ѓубре и во страв за своето здравје од несоодветното третирање на отпадот“, рече Лазаревски.
Вели дека договорот за концесија бил потпишан од градоначалникот на ВМРО ДПМНЕ, Коце Трајановски, предвидувал постројка за индустриски и медицински отпад, постројка на селекција на отпад, нова механизација и опрема за зголемување на продуктивноста, гасна централа и пречистителна станица за контрола на отпадните води. Италијанската компанија „ФЦЛ амбиенте“ имала и обврска да изгради нова административна зграда и како крајна цел да произведува струја од ѓубрето. Но, ништо од ова не е направено, со што само се потврдило какви инвеститори носела ВМРО-ДПМНЕ во државата и како ги загрозувале животната средина и здравјето на луѓето.
„Првин избрале компанија во крајно сомнителен тендер, а потоа му дозволиле на концесионерот да ја води играта без да следат и да реагираат на фирмата од Италија, која не исполувала ништо од договореното. Однесувањето на италијанските концесионери е идентично како она на партијата на Христијан Мицкоски, само се обврзуваат, ветуваат и на крајот ништо не испорачуваат, а притоа најголеми жртви се граѓаните и нивното здравје. Овој пример е потврда за нестручното и аматерско однесување на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото нивно незнаење ни однесе во неповрат девет години, период во кој ‘Дрисла’ требаше да прерасне во современа и технолошки опремена депонија“, нагласи Лазаревски.
Тој е дециден дека прва обврска на Град Скопје е депонијата „Дрисла“ да стане санитарна депонија со современа технологија за управување со отпад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

