Македонија
Левицата: Агресивно се наметнува нелегитимното име врз учениците – наставниците да се спротивстават
„Деновиве, до нас пристигнуваат реакции и поплаки од страна на родители во врска со зачестена, преизнасилена и агресивно наметнувачката употреба на името Северна Македонија од страна на одделенски наставници на часовите со најмладите, како и коригирање и инсистирање истото име да го употребуваат и децата, односно учениците. Многу е веројатно дека наставниците се инструирани и дека им се врши притисок да инсистираат на употреба на државното име, кое жителите на Македонија го отфрлија на противзаконскиот и нелегален референдум со бојкот на срамното и манипулативно прашање“, соопшти Левицата.
Според партијата, ваквото политичко насилство врз децата е монструозно.
„Тоа не е ништо друго, туку образовна пропаганда, која на вештачки начин се обидува да го наметне името кај најмладите и на таков начин да придонесе кон втемелување на историскиот ревизионизам и бришење на колективната меморија на Македонија и македонскиот народ. Никој не смее да врши политичко влијание врз деца, а училиштата да ги користи за место за ширење политичка пропаганда. Дури и кога договорот во Преспа не би бил ништовен, односно дури и ако тој беше склучен и потпишан во склад со законите и почитуваните процедури на институциите, како и волјата на македонскиот народ, повторно не би имало основа за демонстрираниот изнуден ентузијазам на наставниците. Ваквото однесување претставува психолошка тортура, а покажува и дека властите на агресивен начин ги користат сите формални и неформални институции во обид на вештачката шовинистичка индоктринација.
Ги повикуваме наставниците и родителите активно да се спротивставуваат на ваквите обиди. Во услови на тортура од властите, граѓанската непослушност, која служи да ја сузбие пропагандата, е должност на сите нас – а особено на оние што ги образуваат децата. Родителите апелираат дека децата треба да бидат оставени на мир и да се престане со притисок врз наставниците. Училиштата треба да понудат едукативни, а не пропагандно-манипулативни содржини“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

