Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

