Македонија
Левицата: Воведените царини се доказ дека Македонија никогаш не била стратешки партнер на САД

Санкциите што САД ги воведоа на Македонија, со зголемување царини на увоз на роба за 33% – со стапки повисоки од оние наметнати на земји кои со години се под американски санкции се очигледен доказ дека Република Македонија за САД всушност никогаш не била стратешки партнер, туку само стратешка алатка во служба на нивните империјалистички интереси, сметаат од партијата Левица.
„Повеќе од две децении македонските политички елити, без разлика дали доаѓаат од ДПМНЕ или СДС, водат вазалска политика потчинета на Вашингтон. Под превезот на тнр. „стратешко партнерство“, Македонија ги прифати сите ултиматуми од САД – од Охридскиот рамковен договор, промената на името па сè до склучување зделки погубни за домашната економија со единствена цел за задоволување на интересите на американските корпорации. Сето ова не ја поштеди Македонија од ударите на „стратешкиот партнер“. Додека народот плаќа милијарди на американски компании како „Бехтел и Енка“ при што Собранието воведува робовладетелски противуставни закони за работа од 72 часа неделно и додека буџетот за НАТО се зголемува на штета на македонските граѓани, САД ја косат македонската економија со драконски царини“, пишува во соопштението.
Како што велат од партијата, кмет на ваквите политики во Македонија е Христијан Мицкоски, кој, како што се наведува, во очајнички обид да ѝ се додвори на новата екстремнодесничарска американска администрација, годинава неколкупати го посети Вашингтон, присуствувајќи дури и на инаугурацијата на претседателот на САД Доналд Трамп.
„Ваквото шеткање на Мицкоски и неговата делегација низ маргиналните коридори на американската администрација на Република Македонија успеа да ѝ донесе фатален економски удар среде ужасната криза во која нашата држава се наоѓа. Потребата за активно вклучување во тековите на мултиполарниот свет никогаш не била поочигледна, а Левица е единствена партија којашто се залага за партнерство со сите земји членки на Советот за безбедност на ООН, како и приоретизирање политика на економска и инвестициска соработка, а не марионетско фигурирање кое форсира пристрасност, противречие и функција на пион во меѓународни трговски битки. Позицијата на Левица останува јасна – Република Македонија нема да биде колонија на САД и ќе води внатрешна и надворешна политика врз основа на сопствените интереси, а не раководена од диктатот на Вашингтон и Брисел“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште неотворена, новата градинка во Бутел демолирана – хулигани искршиле врати и прозорци, штетата е голема

Вандализирана е новата детска градинка во Бутел 1, објави градоначалникот Дарко Костовски.
Вели дека МВР веќе има лоцирано осомничени лица, а за многу скоро очекува остра и брза акција, одговорност и кривични пријави согласно закон.
„Направена е голема штета во новата граника во Бутел 1, истата е во план да се пушти во употреба во месец септември 2025 година. Особено е осетливо тоа што станува збор за детска градинка, таму каде што треба да бидат згрижени нашите најмили“, рече Костовски.
Изрази надеж дека зад овој случај не стои политика. Тој потсети и дека во општината се градат две нови детски градинки, нешто што не се случило никогаш во толку кус период.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ

На средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, која престојува во официјална посета на земјава, беа истакнати заложби за поттикнување на регионалното заедништво, одржување на добрата економска соработка и силна поддршка за македонските евроинтеграции.
Словенија беше, е, и ќе остане наш поддржувач и пријател на патот кон ЕУ, бидејќи нам таму ни е местото, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката изрази искрена и длабока благодарност за сочувството, помошта и поддршката што Словенија ни ја пружи по трагичниот настан во Кочани, што сведочи за цврстото пријателство.
Таа се заблагодари за континуираната поддршка во процесот на нашиот евроинтеграциски маратон и истакна дека Словенија секогаш беше до нас.
Нагласувајќи го ставот за неопходноста од почитувањето на Копенхагенските критериуми, таа изрази скептицизам дека уставните документи на ЕУ се почитуваат.
Обете манифестираа задоволство од билатералната соработка и партнерството на мултилатерален план, што меѓу другото, се темелат на сојузништвото во НАТО, заедничките заложби за мир и стабилност во регионот, како и фактот дека меѓу двете земји нема ниту едно отворено прашање.
Претседателката на словенечкиот Државен збор ја реафирмираше поддршката, потенцирајќи дека ЕУ е непотполна и недовршена без сите европски народи. Таа изрази разбирање за фрустрираноста на македонските граѓани поради долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и за стравовите од наметнување нови препреки и покрај многуте направени отстапки од македонска страна.
Соговорничките се согласија дека политиката на проширување на ЕУ не смее да се билатерализира и да има посебни критериуми и преседани за нас, оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати.
Македонија
Судски совет за пресудата за Теодора – судијата не можел да пресуди повисока казна

Судскиот совет ја разгледа пресудата за возачот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово со која беше осуден на две години затвор.
Во соопштението се наведува дека според законот, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот во ситуација само кога тој поднел жалба.
Инаку, по првата пресуда од 3,5 годишна затворска казна само обвинетиот поднел жалба, а не и Обвинителството.
Судскиот совет денеска ја разгледуваше пресудата по бурните реакции во јавноста и по јавното барање на премиерот Христијан Мицкоски.
„По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор за Врховниот суд да ги укине двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот, кој смртно одзеде недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави тогаш Мицкоски.