Македонија
Левица: Денес, оние кои ја нападнаа Македонија, се глорифицирани на ниво на „борци за права“, a патриотите кои ја бранеа државата се заборавени од властите
Пратеникот од Левица од ИЕ4, Сашко Јанчев, и членови на ЛО Левица – Прилеп денес положија цвеќе на комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп, во чест на убиените резервисти од 2001.
„Бранителите на 08.08.2001 беа начекани во заседа од терористичката УЧК и на кукавички начин, со отворен оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи беа нападнати.
И по 23 години, сѐ уште е „нејасно“ кој и зошто издал наредба за повлекување на полицискиот пункт од Карпалак, без да бидат информирани Генералшабот и Министерството за одбрана.
Ден пред бруталниот масакр, амбасадорот на НАТО е известен од македонски генерал дека постојат диверзантски групи во тој регион, спротивно на договореното. Амбасадорот ваквите дојави ги квалификува како “медиумска пропаганда”.
После само 5 дена од овој настан, потпишан е капитулирачкиот Рамковен договор“, соопшти Левица.
„И после две децении, ваквиот кукавички чин остана само сива мистерија. Ниту една влада предводена од СДСМ и ДПМНЕ не покрена ниту иницијатива за истрага да се открие што точно се случи тој ден на Карпалак, а владата на ДПМНЕ по барање на меѓународната заедница, ги амнестира тешките злодела со „бланко амнестија“, спротивно на меѓународното право!
Не е поставено ниту достојно спомен обележје на местото на масакрот, посветено на десетте прилепски бранители кои загинаа во воениот конфликт во 2001 година, иако со години бранителите бараат од властите да се постави споменик. Дополнително, оние кои ја бранеа татковината од монструозните злодела, денес се заборавени и живеат како социјални случаи, а терористите се наградени со функции во Владата и Собранието.
Денес, оние кои ја нападнаа Македонија, се глорифицирани на ниво на „борци за права“, додека патриотите кои ја бранеа државата се заборавени од властите.
Потсетуваме дека воени злосторства никогаш не застаруваат и за да биде правдата задоволена за оние кои ја бранеа својата татковина, терористичките извршители мора да одговараат“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗЕЛС им донираше возила на општините Зрновци и Центар Жупа
ЗЕЛС им донираше возила на општините Зрновци и Центар Жупа. Во просториите на ЗЕЛС, денес градоначалникот на Центар Жупа, г-дин Аријан Ибраим и градоначалникот на Зрновци г-дин Борчо Коцев-градоначалник на Општина Зрновци ги потпишаа договорите за примопредавање на две користени возила на ЗЕЛС.
-Станува збор за возила марка ,,Opel“, од кои едното е караван, што се произведени во 2008 година. Овие возила беа доделени низ транспарентен процес со донесена одлука од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС на последната седница одржана во Кавадарци. На оваа одлука претходеше предлог донесен од формирана Комисија за распределба на двете користени возила на ЗЕЛС, во состав на градоначалниците на општините: Македонски Брод, Жарко Ристески на Студеничани, Азем Садики и на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. За изборот беа утврдени следните критериуми: 1. Општината да ја платила членарината кон ЗЕЛС заклучно со 2023 година; 2. Општината да има реална потреба од возило што ќе се утврди со бројот на возила кој во моментот го има во своја сопственост споредена и дополнително направена проверка на пријавениот број на возила на општините со оној утврден во Државна комисија за спречување со корупција.; 3. Општината да не биде поголема од 10.000 жители; 4. Општината да не припаѓа на скопскиот плански регион-изјави Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Тошковски на средба со Транспаренси Интернешнл: МВР ги насочува сите свои капацитети во борба со корупцијата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (08.10.2024) оствари работна средба со претседателот на невладината организација „Транспаренси Интернешенл – Македонија“, Благоја Пандовски.
Средбата доаѓа во време кога Министерството за внатрешни работи се залага максимално и ги става на располагање сите свои капацитети за бескомпромисна борба против корупцијата на високо ниво и оттука и двете страни ја оценија како навистина потребна и продуктивна.
За време на средбата беше претставен извештајот насловен како Национален систем за интегритет, во кој детално се разгледува работењето и функционалноста на 15 државни институции во периодот од 2022-2023 година. Воедно разговарано беше и за зајакнување на интегритетот на полициските службеници, како и на сите останати вработени во Министерството за внатрешни работи, а предложени беа и модалитети за остварување на таа цел. Во таа насока, двете страни разговараа за потпишување на Меморандум за соработка преку кој би била олеснета натамошната соработка од заеднички интерес.
Македонија
Врховниот суд: Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, а непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните
Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска утврди начелен став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот.
Во Начелниот став се утврдува дека државата согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина и дека со непреземањето дејствија од страна на надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина.
„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, Државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.
Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, истакна дека правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско и човеково право и непосредно поврзано со унапредувањето на здравјето на граѓaните и со законски пропишаните обврски и должности за заштита на животната средина.
„Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Пристапот до здрава животна средина е основно човеково право, на што упатува и Советот за човекови права на Обединетите нации“, истакна претседателката на Врховниот суд, додавајќи дека прашањето е важно и од аспект на Европската конвенција, Советот на Европа, Европскиот суд за човековите права и Европскиот суд на правдата.
Професорот д-р Борче Давитковски истакна дека судската власт е коректив на другите власти и дека преку својата отвореност кон јавноста, Врховниот суд дава исклучителен придонес за јакнење на јавната доверба, особено што Општата седница расправа за прашања кои се од интерес на граѓаните и човековите права.
Професорот Давитковски нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и дека секој има право на информации за здравата животна средина, односно за загадувањето на воздухот, согласно конвенциското право и домашното законодавство.
Во таа насока, професорот истакна дека согласно Уставот, секој може да бара заштита на своето право, посебно во ситуација кога јавните органи не ги презеле дејствијата кои согласно законот биле должни да ги преземат и дека од големо значење е што судската власт застанува во одбрана на правата и интересите на граѓаните.
Судијата Џемали Саити истакна дека секој човек има право на здрава животна средина и дека во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат и одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконити акти и дејствија. На тоа се надоврза судијата Анита Бошковска, која нагласи дека утврдувањето на начелниот став е од големо значење како за граѓаните и јавниот интерес, така и за судството.
Судијата Мирјана Лазарова Трајковска подвлече дека најзначајниот аспект е дека не секогаш со чинење се повредуваат правата, туку може многу поголеми повреди да бидат извршени со не чинење. Во оваа насока, судијата Лазарова Трајковска потенцираше дека правото на здрава животна средина, а во смисла на судската заштита подразбира и право на пристап до суд.