Македонија
Левицата: ДПМНЕ спремна за влада со ДУИ – за бугаризација и косоваризација на Македонија
„Широката коалиција на ДПМНЕ-ДУИ-СДС се разобличи со заедничкото гласање за недемократскиот Деловник, со кој се укина блокирањето на закони – механизам кој постои во најстарите парламентатни демократии! Иако токму лицемерите од ДПМНЕ заговараа активна блокада (која никогаш не се случи) – сега побараа да се укине филибастерингот, а СДС и ДУИ ревносно им испорачаа“, велат од Левицата.
„Направија и кворум за новиот Кривичен законик, со кои се амнестираа 80 функционери на ДПМНЕ, а во Собранието заедно со СДС и ДУИ го изгласаа Законот за корумпирање на медиумите. Вака се наговестува коалицијата ДПМНЕ-ДУИ. Коалиција која веќе беспрекорно функционира во неколку општини, како во Велес и Охрид – додека нивните градоначалници го закитија со тендери од над 615 илјади евра „Пуцко петрол”, во сопственост на пратеникот од ДУИ.
Јасно е дека сегашната партија ДПМНЕ е проект за внатрешно поткопување на македонските позиции од страна на бугарските служби. Раководството на оваа партија е инсталирано и обучено да работи на исполнување на Софиската платформа за бугаризација на Република Македонија. Во јадрото на идеологијата на овие луѓе е врежано бугарофилството и тежнеењето да се затвори ‘македонското прашање’, во склоп на великодржавниот проект на живковистичките позиции.
Лидерот на оваа бугарашка и антимакедонска партија Христијан Мицкоски, во јуни на т.н. ,,лидерска средба” пред цела македонска јавност се зарече дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот по секоја цена. Лидерот на оваа врховистичка и македономразачка партија Христијан Мицкоски на Македонците во лице им соопшти дека неговото раководство влече континуитет од најголемиот крвник на македонската нација Ванчо Михајлов.
Од бојкотот на територијалната поделба, преку амнестијата на грозоморните Хашки случаи, до испораката на осум пратеници за промена на уставното име, после наредните избори, Мицкоски и квинслишкото ДПМНЕ ќе ја испорача и бугаризацијата на Уставот, со која ќе се финализира процесот на редефинирање на македонската држава и нејзина федерализација!“, соопшти Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

