Македонија
Левица: Иако имале информации за дестабилизација властите тотално потфрлија
Властите имаа цели 5 месеца да ја превенираат ,најавуваната од Мицкоски дестабилизација, а тотално потфрлија, велат од политичката партија Левица.
Од тука ги оценија како скандалозни изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, коишто при вчерашниот тотален хаос, беззаконие и безредие при прославата на албанското знаме, упатија честитки и задоволство од наводното професионално, соодветно, навремено и државничко постапување на полицијата.
„Денешните изјави на министерот Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски дека при синоќешните нереди полицијата постапила професионално, соодветно, навремено и државнички, се врв на цинизмот и навреда за македонскиот народ! Како може да се нарече професионално тоа што полицијата не презеде никаква акција додека вооружени лица во центарот на градот пукаа со огнени оружја?! Како може да биде државнички кога полицијата немо стоеше додека македонските национални симболи беа газени, палени, понижувани, демонстративно уништувани?! Омраза се ширеше неконтролирано, без никакви обиди за спречување на ескалацијата“, велат од Левица.
Од тука додаваат дека вчера низ улиците на македонските градови, македонските граѓани беа оставени сами на себе – загрозена им беше безбедноста, се блокираа улици, се промовираше насилство и омраза, а полицијата беше само декор и одби да постапи согласно своите должности и надлежности за превенција и зачувување на јавниот ред и мир.
„Оттука, им укажуваме на Мицкоски и Тошковски дека нивната сервилност кон коалициониот партнер ВРЕДИ, коишто беа организатори на повеќе провокаторни настани ширум државата, е она што ќе го прелее трпението на македонските граѓани. Според информациите, коишто ги изнесоа медиумите, биле пријавени повеќе од 750 инциденти, но приведени се само осум лица“, велат од Левица.
Додаваат дека македонскиот народ и Левица бараат неселективна правда, достоинство, безбедна држава, а не влада која толерира хаос и ја потценува интелегенцијата на граѓаните на сметка на коалициониот мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

