Македонија
Левицата: И таткото на Тошковски бил дел од бизнисот со мито за инвалидски пензии

Додека се обидува да изгради слика дека го руши корумпираниот систем, фактите кои се обзнануваат во јавност укажуваат како и фамилијата Тошковски била дел од овој систем. Имено, токму таткото на министерот на МВР во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии, обвини партијата Левица.
Според партијата таткото на Тошковски бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија.
„Односно, таткото на Тошковски безобзирно манипулирал со поединци кои очигледно во незавидна положба, биле принудени да плаќаат огромни суми за да се изборат против аномалиите на системот. Бидејќи министерот Тошковски и за време на претходната влада на Груевски бил дел од институциите на системот (преку министерството на Миле Јанакиевски), очигледно тоа што бил дел од власта било доволно за неговиот татко да прави матни зделки со инвалидските пензии. Дополнително, потсетуваме дека Тошковски уште нема одговор за скандалот со апсењето на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, односно нема никаква информација во јавноста кое е второто лице кое е уапсено. Ако се има во предвид дека лицето кое го обезбедувало Мицкоски било дел од Шестата управа, истото не можело да располага информации за криминални истраги. Тошковски упорно одбива да даде одговор од каде обезбедувањето на Мицкоски имало информации за криминални истраги и од кој ги добил тие информации“, велат од Левица.
Селективниот пристап на Тошковски и за огромната трагедија во Кочани, каде ниту еден актуелен началник од полицијата не е дел од истрагата, велат од Левица, претставува кулминација на ужасното владеење на новата влада.
„Наместо системски реформи – сведочиме како власта ги одбива сите добри законски решенија на Левица; наместо апсење на поранешниот премиер Зоран Заев – сведочиме како премиерот Мицкоски веќе не го ни спомнува неговот име; наместо меритократија и департизација – сведочиме како сестрата на премиерот и баџанакот на Тошковски стануваат универзитетски професори. Нема промена на корумпираниот систем со партии кои 35 години го граделе токму тој систем“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.