Македонија
Левицата: Не поминаа предлозите за удвојување на породилното отсуство и плата до петти во месецот

За жал, пратениците од владејачкото мнозинство, составено од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, продолжуваат со нивната арогантност игнорирајќи ги потребите и барањата на граѓаните. На денешната седница на Собранието се најдоа два Предлог-закони на пратеничката група на Левица со кои беше предвидено зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци и исплаќање на платите на работниците до петти наредниот месец наместо до петнаесетти, велат од партијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го образложи Предлог-законот за дуплирање на породилното отсуство потенцирајќи дека ваквото законско решение одговара и на левиот и на десниот политички кампус, односно, како што кажа, вградена е вредноста за социјалните права и семејните вредности. Тој истакна дека обединувачка е националната потреба која е од корист за целата држава.
„Во 2016 имало граѓанска иницијатива за вакви законски измени, па во 2017 пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила вакви законски измени кои тогаш не добиле поддршка од тогашното мнозинство“ – потсети пратеникот од Левица.
Мециновиќ истакна дека овој предлог во однос на мајчинството е само почеток, а треба да се адресираат и други неразумни сегменти какви што се: условот за непрекинат работен однос од 6 месеци, губењето на работното место и со тоа – ограничување на породилното отсуство и слично.
Владејачкото мнозинство не го прифати ниту предлогот за исплата на платата на работниците до 5-ти во месецот, а овој Предлог-закон го образложи пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
„Ако може за нас, пратениците, платата да се исплаќа до петти во месецот – тогаш треба и за сите останати кои нѐ избрале да им се исплаќа до петти“ – истакна тој.
Јанчев посочи дека сегашното правило за исплаќање на платите на работниците до 15-ти во месецот ги става во особено тешка ситуација граѓаните коишто треба да исплаќаат рати од кредитите, да плаќаат кирија и да ги платат месечните сметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби

Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со кризи информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Македонија
Активни се девет пожари во Македонија

До 18:30 часот, имало вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни, 4 се под контрола, а изгаснати се 16 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ (9):
Општина Чучер Сандево: помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума (шумски пожар)
Општина Прилеп: с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Македонски Брод: помеѓу с.Црешнево и с.Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Дојран: с.Николич (нискостеблеста шума)
Општина Василево: с.Владевци (нискостеблеста шума)
Општина Чашка: под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар)
Општина Крива Паланка: с.Лозаново
Општина Тетово: патен правец Тетово – с.Селце (дива депонија)
Општина Делчево: м.в.Брежје (нискостеблеста вегетација, смреки и грмушки)
ПОД КОНТРОЛА (4):
Општина Македонски Брод 1: с.Рамне – с.Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод 2: с.Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод 3: с.Слатина (нискостеблеста мешана шума)
Општина Делчево: градска депонија Острец (депонија)
ИЗГАСНАТИ (16):
Општина Шуто Оризари: с.Визбегово (депонија)
Општина Ѓорче Петров: с.Орман (ниска вегетација и дрво)
Општина Гази Баба: Смилковско Езеро (ниска вегетација)
Општина Аеродром: ул. 3 Македонска Бригада (сува трева)
Општина Кисела Вода: ул.Малешевска во нас.Драчево (сува трева)
Општина Струмица: с.Куклиш (стрниште и сува трева)
Општина Велес: градска депонија во Велес (ѓубре)
Општина Кавадарци: ул.Диме Туриманџов (ѓубре)
Општина Делчево: м.в.Брежјето (грмушки и сува трева)
Општина Куманово: нас.Средорек (ѓубре и сува трева)
Општина Крива Паланка 1: с.Градец (шума и сува трева)
Општина Крива Паланка 2: с.Конопница (борова шума)
Општина Желино: с.Ларце – с.Горна Лешница (мешана шума)
Општина Тетово: с.Џепчиште (сува трева)
Општина Гостивар: Гостивар (сува трева)
Општина Кочани: кај селата Јастебник и Полаки, м.в.Бабиште (шума и сува трева)
Македонија
Уапсени две лица, запалиле кабли и предизвикале пожар

Полицијата уапси две лица кои запалиле кабли и предизвикале пожар.
Според информациите на МВР, вчера во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници е забележан црн час при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и дива депонија.
„Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31). Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава“, соопшти МВР.