Македонија
Левица: Остро го осудуваме непрофесионализмот на МВР и ОЈО за убиството на младото момче
Политичката партија Левица најостро ги осудува патернализмот и непрофесионалноста на Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство Скопје и уредништвата на провладините медиуми во случајот со прерано згаснатиот живот на 21-годишниот Никола Саздовски – Саздо од општина Кисела Вода.
„Индикативното во случајов е тоа што постоеше обид за релативизирање на сериозноста на случајот со цел негово забошотување и криење од јавноста. За овој крвнички чин на намерно, умислено и планирано претепување до смрт од вооружена банда насилници Обвинителството сè уште не го преквалификувало делото! Случајот и понатаму го води како потежок облик на насилство од главата посветена на кривичните дела против јавниот ред и мир – по чл. 386 од Кривичниот законик (со предвидена казна затвор од три до десет години), а не како дрско и свирепо убиство сторено од омраза од главата посветена на кривичните дела против животот и телото на луѓето – по чл. 123 од КЗ (со заканувачка затворска казна од десет до дваесет години или доживотен затвор).
Поради непрофесионалниот однос на полицијата и Обвинителството во расветлувањето на овој случај и неговото изнесување во јавноста, го реактуализираме едно од клучните барања на протестите против полициска бруталност од 2011 година, протести на кои поголемиот дел од раководството на Левицата учествуваше секојдневно. Повторно бараме замена на Секторот за внатрешна контрола во МВР со независно граѓанско тело и зголемена надворешна контрола над МВР од страна на анкетната комисија во Собранието и народниот правобранител.
Во спротивно, бараме неотповиклива оставка од министерот Оливер Спасовски поради ставање настрана на дилетантизмот, заштитништво и неказнивоста на непрофесионалците во своите редови, кои ја водат Републиката во насока на заробена полициска држава“, се наведува во соопштението од Левицата.
Од Левицата упатуваат и најостра критика до некои, според нив, самонаречени професионални и независни новинари и до пристрасната уредувачка политика на некои провладини медиуми и интернет-портали заради недостоинственото и тенденциозно известување или комплетното игнорирање на овој трагичен случај.
Левицата ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на провокации и обиди за поткревање меѓуетнички тензии затоа што тоа би можело да доведе до спирала на насилнички криминалитет потхранет со национализам, шовинизам, омраза и нетрпеливост, од кој полза ќе имаат само владејачките партии и нивните корумпирани елити.
Левицата изразува искрено и најдлабоко сочувство кон семејството, роднините и другарите на младиот Никола со надеж дека механизмите на правдата и правната држава конечно ќе профункционираат, а сите сторители, прикривачи и помагачи на овој брутален чин ќе бидат уапсени, осудени и најстрого казнети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски до ДУИ и Ковачевски: Европски ли е кога Ахмети викаше УЧК во Скопје?
Додека се колнат во ЕУ, ја купуваат Соравија, додека зборат за правда делат шамари во контролата на летање во Скопје. Додека народот гладува тие си слават родендени во државни институции. Додека зборат за стандарди, на онкологија ги крадат болните од рак. И треба да знаете дека ниту една лекција не ја научија. СДСМ не се огради од криминаот на ДУИ, ниту пак има намера. А од ДУИ го употребуваат истиот наратив дека биле европска партија, во исто време кога џебовите им се полни со Европски пари, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Виница.
Претседателот упати и прашање до ДУИ, а и Ковачевски, кој продолжува да молчи, дали кога Али Ахмети викаше среде Скопје УЧК, УЧК е европски чин? Дали тоа доликува на европскиот фронт на ДУИ СДСМ праша тој.
Исто како што купувањето на Соравија што е европски чин, од страна на голобрадо момче, случајно кој е внук на Ахмети исто како што Мерко е европски градоначалник, море светски… како Артан што возеше ауди со полициски флешери на име на фирмата што зела тендер на Шапка? Е сето ова е многу европски, директно не носи во ЕУ, кажа претседателот.
Тој потенцира дека однесувањето на ДУИ и СДСМ ја подрива европската идеја во Македонија. Тие стануваат минери на европската идеја затоа што народот нив не ги идентификува со Европа и има европски функционери кои се срамат што ликови како Артан, Мерко и Талат овде зборуваат за ЕУ. Затоа што ЕУ не е олицетворение на корупција како што се Артан, Мерко и Талат.
И затоа резултатот е таков во првиот круг. Овде во Виница победивме со 4571 на 1764 гласови за СДСМ. Народот е определен, и јас искажувам длабока благодарност и почит до секој еден од вас. Но работата не е завршена. Ова беше само првиот круг, и жолтиот картон, мора да стане црвен на изборите на 8 мај. Народот да го зададе финалниот удар против корупцијата, криминалот и сиромаштијата. Повикувам на масовна излезност, затоа што излегувањето на овие избори меѓудругото е и патриотска должност и обврска кога Македонија е толку силно разградена со криминал и корупција. Да одиме напред, и да ги победиме сите сценарија кои ги разработува дуото СДСМ и ДУИ, заклучи претседателот.
Македонија
(Видео) Ковачки: СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на народот
Победата во првиот круг е огромна. Победата е ваша на сите граѓани. Затоа што вие одлучувате во каква Македонија ќе живеете. Сакам да ви честитам на сите кои се обединивте и се приклучивте на промените. Но имаме уште работа. Пред нас е вториот круг за избор на претседател на Македонија и избор за нова влада. Во вас е силата за конечна промена на Македонија и враќање назад на државата, во вашите раце, вели Драган Ковачки, носител на изборната единица 3 на денешниот митинг во Виница во рамки на парламентарната и претседателска кампања.
Ковачки, посочи дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ следи одговорност за власта на СДС и ДУИ за криминалот и сите штетни политики кои ја потонаа Македонија.
Има уште два удари кои треба да ги зададеме на оваа криминална влада на СДС и ДУИ. Едниот на 8 мај. А потоа по победата на ВМРО-ДПМНЕ следува и третиот удар за секој еден кој се огрешил пред законот. Тоа се вика одговорност. Одговорност за сите штетни политики кои ја потонаа Македонија. И одговорност за целиот криминал кој го правеше ДУИ и измеќарите од СДС, дециден е тој.
Ковачки истакна дека народот е силата и одговорот на сите порази и скандали на Ковачевски и Ахмети.
Вие покажавте што значи кога некој си игра со вашите судбини. Вие сте силата и одговорот против сите порази, скандали и афери на Димитар Ковачевски и Али Ахмети, рече тој и додаде дека порано СДС поразот го славел како победа, а денеска се тешат со истиот тој пораз, укажувајќи дека 360 илјади граѓани им порачаа дека се готови.
Деновиве после поразот ги слушам како велат ја примивме пораката од народот. Ќе се промениме. Но лажат. И тогаш ви кажав и сега ви кажувам, лажат сушат. Лажат за да продолжат да крадат, малку им е што ве покрадоа. Сакаат уште. Денеска ги слушам како велат резултатот е нула. Се сеќавате порано поразот го славеа како победа, како триумф, денеска се тешат со поразот. Но, не сфаќаат дека 360 илјади граѓани му дадоа црвен картон на СДС, Ковачевски, Пендаровски, Али, Груби. 360 илјади граѓани им порачаа ГОТОВИ СТЕ! Затоа ајде да го тродуплораме овој резултат овде и секаде низ општините во Македонија, порача Ковачки.
Ковачки, додаде дека СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на народот.
Затоа што СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на народот, противник на Македонија, затоа што изминатите 7 години од политичка партија се претвори во обичен измеќар на ДУИ. Ковачевски прифаќаше секаква наредба од Али само за да опстои на власт, Стево пак не го видовме воопшто да се спротивстави на криминалот и корупцијата на СДС и ДУИ, напротив коленичи пред ДУИ. се фасцинира од Али и Груби. Епа не ни треба таков човек кој е нем посматрач додека Македонија ја распродаваат. Не ни треба Ковачевски кој за секој скандал на ДУИ и Али има оправдување, затоа што и тој е вмешан. За пусти пари го брани и она неодбранливото. Епа доста е!Нашата визија е Македонија повторно ваша. Во вашите раце. Затоа што вие сте сила на една држава.
Во однос на проектите, Ковачки кажа дека Платформата 1198 за Виница се обврзува на реализација на:
Изградба на Булевар Илинденска на влез во Виница, изградба на кружен тек, ул. Браќа Миладинови, изградба на локален пат до туристичка и викенд населба на Плачковица, село Градец – Маринково, Блатец – Детлово (2 фаза), регулација и партерно уредување на Виничка река, регулација на Градечка река – Виница, партерно уредување на кеј на Градечка река во Виница, изградба на локален пат Трсино – Голак (1 фаза), изградба на спортска сала во ООУ Гоце Делчев – Виница, изградба на спортски терени во село Градец и село Трсино, изградба на канализациона мрежа во село Липец, изградба на пречистителна станица за отпадни води во село Блатец, регулација на речно корито на Кајанечки дол село Истибања, изградба на водоводна мрежа во Големчево – село Истибања, изградба и реконструкција на улици во Виница и други населени места. И уште многу други проекти за кои се обврзуваме да ги реализираме во 4 годишниот мандат.
На крај, Ковачки побара поддршка од граѓаните на 8 мај за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада и Гордана Силјановска Давкова за нов претседател на Македонија.
Ни треба вашата поддршка и масовна излезност на 8 мај за бројот 2, за двојна победа. 2 за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада, и 2 Силјановска Давкова за претседател на Македонија. За Макаедонија да ја трансформираме напред кон нови победи, проекти и реформи. Ни треба поддршка сплотеност и обединетост за да создадеме иднина овде во сопствената Македонија.Ни треба вашата поддршка за да си ја вратиме изгубената држава, за институциите да бидат во ваша служба, а не во служба на криминалците од СДС и ДУИ. Ние ја сакаме Македонија повторно твоја. Македонија на земјоделците, на здравствените работници. Македонија повторно твоја на просветните работници, Македонија на пензионерите. Македонија на младите. Македонија на успешни компании и странски инвестиции. Македонија земја на горди граѓани, порача Ковачки.
На 24 април го делегитимиравме Ковачевскии Ахмети и бандитите. А на 8 мај да ги срозиме. И да го победиме ова зло поради кое Македонија и вие граѓаните тонете, изјави тој.
Македонија
Пендаровски: Наместо да се извинат за 27 април, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател најавува амнестија за насилниците
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на 7 -годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна дека насилниците коишто влегоа да тепаат пратеници и новинари, не им се извинија ниту на граѓаните, ниту пак на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртвуваат државата. Наместо извинување, сега ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател најавуваат амнестија на насилниците доколку дојдат на власт.
„За жал истите луѓе кои на тој ден упаднаа во Собрание, сега бараат власт. Претседателот на главната опозициона партија беше влезен исто така. Не велам дека сите што влегоа внатре се криминалци, меѓутоа сакав да го прашам и тогаш и сега што бараше внатре во Собранието? Дали да ја заврши работата која ја организираа од неговата партија, да не дозволи мирен трансфер на власта – сите знаеме дека беше тоа, имаше судски пресуди на таа тема. За жал од тогаш поминаа 7 години, ни еден од актерите, особено ниту еден од организаторите не се извини затоа што за прв пат во историјата партијата на власт за да не ја даде власта организира бунт и со помош на пратеници, нападна пратеници, еден, двајца беа на работ на смрт. Освен што не се извинија, денеска нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија“, рече Пендаровски.
И дополнително, како што додаде Пендаровски се претставуваат како патриоти кои ја бранеле Македонија.
„Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“’, додаде Пендаровски денеска во Пештани.