Македонија
Левицата предлага надзорна расправа за катастрофата во Кочани

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, соопшти дека како пратеник од Изборната единица 3, иницирал Надзорна расправа во врска со трагедијата во Кочани со цел, како што рече, да се расветлат сите пропусти.
„Во овие моменти кога сѐ уште не е поминат шокот од незамисливата национална катастрофа која се случи во Кочани, ние како пратеници и како Собрание, посебно пратениците од ИЕ 3, мора да поднесеме и морална одговорност. Поради тоа, денес, јас, како пратеник од ИЕ 3, покренувам иницијатива за Надзорна расправа во Собранието околу катастрофата што ни се случи во Кочани“, кажа пратеникот од Левица.
Додаде дека расправата е планирана во постојаната Анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот со која раководи Димитар Апасиев. Но, рече тој, отворени сме да биде и на било која друга комисија која и одговара на власта и на остатокот од опозицијата.
„За таа цел се потребни се минимум 15 потписи и ние ги даваме нашите шест. Отвараме простор да има и Анкетна комисија, има постојана Анкетна комисија во која може да се одржи расправата, но има и времена Анкетна комисија. Во тој случај ќе се повикаме на член 76 став 3 од Уставот, за која се потребни дваесет потписи и апсолутно, на нас не ни е битно ние да го водиме процесот, поентата е да се почне сега и веднаш за да се дојде до одговорите кои ни се потребни“. објасни Крмов.
За жал, додаде тој, гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат во медиумите, околу надзорна или анкетна, дали треба да има, или не, дали и за другите катастрофи, дали за Кочани итн.
„Ние мислиме дека нема време за ова, доволно време одмаравме, треба да се делува што побргу. Мора да се види каде потфрлија органите на државната управа, зошто ни се случи ова што ни се случи и кои индивидуи се одговорни“, потенцираше пратеникот Борислав Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.