Македонија
Летаа маси и столици, а гостите панично трчаа надвор – уапсени неколку лица за тепачката во скопскиот локал
Масовна тепачка со фрлање на маси, столици и инвентар, но и вознемирени гости кои панично го напуштале локалот затекнале пазарните инспектори вчера при обид за контрола на локалот „Трибека“.
Целата драма се одвивала на само еден час пред целосно затворање на локалот.
Објектот бил демолиран, сведочи и Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат. Иако затекнале како толпа луѓе излегуваат од „Трибека“, инспекторите не можеле да констатираат дали имало прекршување на протоколите за заштита од коронавирусот.
„ДПИ како и секоја вечер така и вчера беше со тимови на терен низ цело Скопје и цела Македонија. Еден тим од Скопје кој го имаше реонот Центар со Карпош изврши обиколка на сите угостителски објекти меѓу кои беше и Трибека. Околу 20 часот при обид за да направиме контрола во објектот инспекторите беа соочени со толпа на народ кој масовно излегуваше од објектот. Истите беа видно вознемирени бидејќи нешто се случило во тој момент. Тогаш и ние дознавме дека се случила тепачка, објектот бил демолиран“, вели Александра Котели од ДПИ.
Од МВР потврдуваат дека имало масовна тепачка во локалот, а во неа учествувале пет лица од Скопје.
Според сведочењата на гостите, пред да почнат да се маваат со столици и маси, лицата кои си размениле боксови, седеле заедно во локалот. По извесно време, наеднаш започнала драмата и настанал хаос. Полицијата постапувала по пријава, а уапсени биле сите лица.
„Од страна на полициски службеници од СВР Скопје се лишени од слобода Х.Ј.(20) и А.С.(27) двајцата од Скопје, а во врска со претходна пријава дека во угостителскиот објект дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу П.Ѓ.(28) од Скопје и Х.Ј.(19), по што А.С. (27) почнал да го крши инвентарот од угостителскиот објект“, велат од МВР.
Скопјанецот кој го кршел инвентарот, потоа нападнал и две девојки на возраст од 18 и 19 години. На едната од нив и го искршил и мобилниот телефон.
„На местото на настанот е извршен увид, известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, додаваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

