Македонија
Лимани: Брзиот развој на индустријата, континуираниот напредок на технологијата и новите услови за работа ја наметнуваат потребата од ревидирање на листата на опасни занимања
Денеска, се одржа презентација на новата листа на опасни занимања/работни места подобни за предвремено пензионирање во согласност со нивото на ризик и предложениот степен на пензија како дел од проектот „Ревизија на листата на опасни занимања, кои се квалификувани за предвремено пензионирање со бенефициран работен стаж (БРС)“.
Во последните години, со поддршка на Светската банка како доверлив партнер, Министерството за социјална политика, демографија и млади реализира низа активности фокусирани на подобрување на управувањето со системот на социјално осигурување.
Овие активности имаат цел оптимизација и рационализација на системот, поедноставување и скратување на процедурите за остварување на социјалните права, намалување на оперативните трошоци на системот, зголемување на вклученоста на ранливите категории, модернизација и дигитализација на бизнис-процесите, како и создавање правичен систем за сите граѓани.

Една од активностите на проектот реализиран од Министерството, чии резултати беа презентирани денес од експертите во ова поле, е ревизија на листата на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење или позната меѓу нас како бенефициран стаж.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, обраќајќи се пред присутните, се осврна на причините што упатуваат на нужноста за ревидирање на оваа листа на опасни занимања. Во оваа пригода истакна:
„Брзиот развој на индустријата и континуираниот напредок на технологијата заедно со подобрувањето и модернизацијата на условите за работа наметнуваат потреба од ревидирање на листата на работни места што се вршат во тешки услови или во услови што ја намалуваат работната способност на работникот“.
Лимани укажа на фактот дека оваа листа на глобално ниво се прегледува редовно, обично на секои пет години. А во Република Северна Македонија сè уште се користи истата листа на работни места од осамостојувањето на државата наследена од поранешна Југославија.

„Ситуацијата во законодавството не ја прикажува реалната слика што ја имаме на терен бидејќи од времето на утврдувањето на работните места со бенефициран стаж настанати се значајни промени. Условите за работа се значително подобрени, а мерките за безбедност и здравје при работа се многу унапредени. Дополнително, некои индустриски гранки веќе не постојат, што ја прави таа листа неточна за актуелната ситуација“, рече Лимани.
Денешната презентација на ревидирани работни места со бенефициран стаж се заснова на неколкумесечната теренска работа на експертите. Во таа насока, министерот, обраќајќи им се на присутните претставници на работодавците и на работниците, ги покани активно да учествуваат во дискусиите со експертите. Притоа истакна дека сите нивни забелешки и сугестии ќе бидат земени предвид пред листата да стане конечна.
„На крајот, врз основа на цврстото убедување дека човечкиот капитал е највредниот ресурс во секој аспект на општеството и во процесот на работа, ви се обраќам, како важни актери во овој процес, да продолжите постојано да вложувате во здравјето и безбедноста на работниците, во нивната благосостојба и професионалниот развој“, порача Лимани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

