Македонија
Лозановска: Бројките го демантираат Филипче, бројот на новозаболени е над 10 проценти од тестираните
Бројките го демантираат Филипче, бројот на новозаболени е над 10 проценти од тестираните, а вкупниот број на заболени надмина 10 илјади, изјави Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Рече дека епидемијата ескалира, а бројот на новозаболени и починати се зголемува поради неспособноста на СДСМ.
„Бројот на заболени од корона-вирусот надмина 10 илјади, а бројот на починати се движи кон 500. Наместо работа со цел да се постигне тренд на намалување на бројката на новозаразени, поитаa да се радуваaт на тоа што четири дена бројката на новозаболени беше под 10 проценти од бројот на тестирани лица. Секој сака тренд на намалување на новозаболени, на стабилизрање на ситуацијата, но за тоа треба да се работи. Дека нема потреба од радување покажуваат бројките“, изјави Лозановска.
Таа вели дека последната бројка на новозаразени во едно деноноќие повторно покажала дека бројот на новозаболени е повеќе од 10 проценти од бројот на тестирани лица. А болеста се појавува и во оние помали места каде што ја немало досега, а и во дел од поголемите градови бројот расте.
„На пример, Битола од град со релативно малку заболени станува лидер во регионот со активни случаи заразени од Ковид-19. За само две недели бројот порасна повеќе од двојно и вкупниот број е 114 лица позитивни, од кои 60 се активни. Но, за надлежните сè е под контрола иако не знаат дали ова е пик на првиот бран или втор бран, не ги знаат кластерите, не ги знаат изворите, не знаат што да преземат и како да настапат. Во меѓувреме, граѓаните страдаат, секој се снаоѓа како знае и умее. А често, нема термини за испитување, па оние кои можат одат приватно да се тестираат, а што со оние кои не можат да го сторат тоа? Наместо дел од решението, станаа дел од проблемот. Наместо решенија и креирање здравствена политика се фрлија на политикантство кое е недозволиво. Ако не знаат што да прават има кој знае“, додаде Лозановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

