Македонија
Македонија е првата земја во регионот што ги реши сите случаи на бездржавјанство од СФР Југославија

Северна Македонија стана првата земја во регионот што ги реши сите познати случаи на бездржавјанство произлезени од распадот на СФР Југославија, соопшти Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење.
Од таму додаваат дека последните 317 лица кои живееја во правна несигурност од прогласувањето на независноста на државата, сега се стекнаа со државјанство.
За првпат, тие ќе уживаат целосни права и заштита што им се гарантира на граѓаните на Северна Македонија.
Заменик на претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, изјави: „По три децении неправда, Северна Македонија ја сврте страницата на историјата, ставајќи крај на бездржавјанствто за стотици луѓе родени и израснати во оваа земја. Денес, со гордост велиме: сите оние кои живееја како невидливи, конечно добија име, идентитет и права. Победата над бездржавјанствт е доказ дека правдата не е илузија – таа е можна кога постои политичка волја, меѓународна соработка и непоколеблив активизам. Овој момент ја претвора земјата од ѕид што разделува – во засолниште за секој граѓанин.“
Од 2001 година досега, речиси 20.000 лица без државјанство стекнале државјанство во Северна Македонија.
Во целиот свет, најмалку 4,4 милиони луѓе остануваат без државјанство. Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди, ја поздрави постигнатата цел на Северна Македонија:
„Ова е една од најсилните иницијативи во Европа и, навистина, во целиот свет. Разбирам дека Северна Македонија сега се наоѓа на прагот на целосно искоренување на бездржавјанство. Ви благодарам за вашата посветеност, за тоа што го споделивте овој напредок со нас и за тоа што сте шампион во Глобалната алијанса“, рече тој.
УНХЦР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, исто така, го поздравуваат континуираниот ангажман на земјата за решавање на 168 преостанати познати случаи, кои, иако не се апатриди како последица на распадот на Југославија, никогаш не добиле изводи од матична книга на родените.
Нивниот статус моментално се разгледува, додека властите активно работат на пронаоѓање соодветни решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.