Македонија
Македонија меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на мртвородени деца
Министерството за здравство информира дека според најновиот извештај на УНИЦЕФ, Република Северна Македонија е меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на мртвородени деца во периодот меѓу 2000 и 2019 година.
Анализата на податоците покажува дека стапката на мртвородени деца во Северна Македонија се намалила од 10,8 мртвородени, на вкупно 1.000 раѓања во 2000 година, на 6,2 во 2009 година и на 4,1 во 2019 година.
Според извештајот на УНИЦЕФ, нашата земја покажува најдобри резултати во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд.
„Изминатиот период токму во оваа сфера беа реализирани конкретни мерки за подобрување на условите во родилиштата во земјава, подобрување на системите за транспорт и обезбедување пристап и брз трансфер до одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации, а воедно е изработен и генерален (мастер) план за перинатална грижа до 2030 година, кој опфаќа планови за натамошно зајакнување на здравствениот систем и обезбедување најсовремени услуги за бремените жени и новороденчињата“, соопштија од МЗ.
Исто така, велат од таму, реализирани се бројни инвестиции за зајакнување на капацитетите со нова медицинска опрема и набавка на инкубатори за интензивната нега.
„За унапредување на перинаталната грижа придонесе и активното функционирање на Комитетот за безбедно мајчинство во рамки на Министерството за здравство, под раководство на д-р Ана Данева-Маркова, кој го сочинуваат врвни експерти со долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, со цел координиран пристап во унапредување на здравјето на мајките и децата“, соопштија од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

