Македонија
Македонија почнува стратешки дијалог со САД на 2 јуни

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес кога одбележуваме 14 години од потпишувањето на Декларацијата за стратешко партнерство со САД, одржа прес конференција посветена на претстојниот стратешки дијалог меѓу Македонија и САД што ќе се одржи на 2-ри јуни, во Вашингтон.
Османи рече дека Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе одржи стратешки дијалог со САД, што претставува голем дипломатски успех, но и важен дел од исполнување на нашите стратешки интереси во согласност со евро-атлантскиот курс на земјава.
„Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД претставува потврда за ова силното сојузништво меѓу двете земји и во исто време значаен форум кој ќе обезбеди надградување на стратешкото партнерството, зајакнување на соработката, и на некој начин подигнување на билатералните односи на едно повисоко ниво. Тоа ќе значи врамување на билатерална соработка во една правилна институционална форма, предводена од дипломатиите на двете земји, која на среден и на долг рок сигурно ќе придонесе во зајакнување и продлабочување на соработка во поширок број области“, истакна Османи
Во рамки на Министерството за надворешни работи веќе е формирана работна група од искусни дипломати, која ќе работи на успешна подготовка на стратешкиот дијалог; додека наредната недела ќе биде формирана и поширока Меѓуресорска работна група, во која ќе бидат вклучени поголем број претставници од повеќе министерства, институции и агенции од земјава, и која ќе има задача да определи конкретни и детализирани предлози и планови за кои ќе се разговара за време на стратешкиот дијалог.
Со стратешкиот дијалог ќе бидат опфатени теми од билатералните односи, но и оние кои се од значаен глобален интерес. Во фокусот ќе бидат прашања од областа на одбраната и економската соработка, трговијата и инвестициите, но ќе се опфатат и прашањата од доменот на образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борба против корупција, владеењето на правото итн.
Преку одржувањето на стратешкиот дијалог, Северна Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на односите, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој преставува составен дел на евроатлантската заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.