Македонија
Македонски државјанин осуден за убиство во Швајцарија извршено пред 24 години
Маж по потекло од Македонија е осуден во швајцарскиот град Бил за убиство извршено пред 24 години.
Судот го осуди 65-годишниот маж на 18 години и три месеци затвор за убиство и обид за убиство при грабеж во јуни 1999 година.
Швајцарските медиуми потсетуваат дека група од четворица мажи кобната вечер упаднале во куќата на едно семејство и им ставиле лисици на парот и нивниот син, кој тогаш имал 14 години. Двата постари сина на парот во тој момент не биле дома. Напаѓачите биле маскирани и вооружени, а еден од нив ги мачел врзаните родители и нивниот син.
Кога двајцата постари синови на двојката ненадејно се вратиле дома, напаѓачите испукале најмалку четири куршуми, при што едниот брат го убиле, а другиот тешко го раниле. Напаѓачите потоа побегнале.
Единствената ДНК трага водела до осудениот. Инспекторите за осомничениот дознале случајно дури во 2015 година кога пријавил упад во неговиот киоск во Берн. Неговата ДНК-трага потоа се совпаѓа со ДНК пронајдена на местото на злосторството во Бил.
Бруталното злосторство ја потресе цела Швајцарија и со години се сметаше за нерешен криминален случај.
Осомничениот од самиот почеток негира вмешаност во грабежот, а неговиот бранител побара ослободителна пресуда тврдејќи дека ДНК-анализата е сомнителна. Но, Јавното обвинителство смета дека е докажана вмешаноста на мажот во грабежот и побара затворска казна од 18 години.
Заднината на грабежот останува нејасна.
Во текот на истрагата полицијата добила информации дека кривичното дело може да се заснова на нелегална трговија со оружје меѓу двајца синови на семејството и поранешни активисти на Ослободителната војска на Косово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.