Македонија
Македонски информатичари освоија сребрен и бронзен медал на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Кипар
Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика.
На 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24-ти до 30-ти октомври се одржува во Ларнака, Кипар, нашите ученици остварија значаен резултат. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и еден бронзен медал.

Со овие два медали, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници – остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави.
Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој континуирано го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот mendo.mk, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари беше реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании.
Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години од земјите на Балканскиот регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба.
Во својата изјава, претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов истакна дека нашите млади информатичари покажуваат континуитет на врвни достигнувања и силен потенцијал за идни меѓународни успеси.
„Горди сме на секој од нашите натпреварувачи – не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада“.
Тој додаде дека подготовките за следниот циклус натпревари започнуваат веднаш по завршувањето на оваа олимпијада, со цел да се задржи и унапреди високото ниво на резултати кое Македонија го постигнува во последните години, и ги повика сите заинтересирано ученици да се вклучат во натпреварите.
„Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата“, нагласи тој.
Следната, 19. по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

