Македонија
Максим Димитриевски: Ковачевски да ја преиспита работата на Османи и да го разреши

Поголема провокација и навреда од отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Македонија немало, молкот е повеќе од срам! Премиерот Ковачевски да ја преиспита работата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и да преземе чекори за негово разрешување, порача кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Градоначалникот објави дека неодамна на работната средба на градоначалници од Македонија и Бугарија во Сандански имал можност да му се обрати на премиерот Петков во врска со нашиот пат кон ЕУ и упатил јасна порака: „Братските народи (како што многумина претставници од бугарската политичка елита милува да ги нарекува Македонскиот и Бугарскиот народ) не се блокираат туку се подржуваат и поткрепуваат“.
Според зборовите на Димитриевски, Петков се согласил со неговиот став и му рекол дека активно со Ковачевски работат на изнаоѓање на решение и дека европската иднина на регионот е приоритет за сите.
Сепак, градоначалникот коментира дека вчерашното присуство во Битола на Бугарскиот владин врв на отварањето на клубот на Бугарите во Македонија „Ванчо Михајлов“ е само уште една од низата провокации кон македонскиот народ и Македонија.
Димитриевски му предлага на Петков, Ванчо Михајлов да го слави во Бугарија, со што ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија.
„Г-дин Петков при нашата куса средба во Сандански во Вас видов млад и образован човек кој на регионот му мисли и посакува добро, но оставете ја декларативноста, тргнете суштински чекор по чекор по примерот на големиот Вили Брант, извинете се во името на нацијата, осудете го фашизмот и дури тогаш можеме вистински, а и братски да продолжиме заедно сите од регионот на патот кон ЕУ. Дотогаш ние како “добар сосед” во Македонија оваа наша, овде ќе си го славиме Гоце Делчев и Јане и Даме и Карпош и многу други како столбови и творци на нашата Македонска држава и ќе си ги чествуваме и празнуваме хероите од антифашистичката борба и коалиција како пример за непокор на Македонскиот народ и како доказ дека во историјата сме биле секогаш на вистинската страна, страната на поробените и онеправдените“, наведе Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Стојаноски: Власта ги остава пациентите без терапија, затоа што го местат тендерот на фирма од Турција

Во изминатиов период има ситуација која што е загрижувачка и која владата не ја администрира добро како и повеќе ситуации во повеќе сфери, а тоа е се работи за реакција од Здружението за ретки болести дека нема набавено, односно има отсуство на терапија за ретки болести, меѓу кои и за три типови на канцер, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница.
Стојаноски посочи дека има отсуство на терапија затоа што Агенцијата за лекови доцни со тендерот, а доцни затоа што треба да го добие фирма од Турција која се регистрирала во Македонија во 2022 година и Здружението за ретки болести се плаши од паралелен увоз на лекови со кои ќе се внесуваат лекови кои нема да одговорат на потребите.
– Да беше тендер за РЕК или друга институција каде може да украдат пари досега 100 пати ќе беше распишан, но за пациентите од ретки болести нема тендер. Дури и кога се работи за здравјето на луѓето власта нема никаква светост и пред и над се им е профит од местени тендери, рече Стојаноски.
Тој истакна дека тендерот требаше да биде почнат на почетокот на годината и дека родители и членови на Здружението за ретки болести упатија апел и молат да се набават лекови за колоректален карцином и карцином на дојка.
Стојаноски потенцираше дека во јавноста е актуелен уште скандал од тежина 20 до 30 милиони евра во УЈП, кој власта се труди да го заташка.
– Можевме да ја видиме директорката и потпретседателка на СДСМ во емисија потврди дека се случил, но дека не се водела истрага со месеци. Додека не објави опозицијата никој од оваа држава не се јави да каже за скандалот. Директорката на УЈП не кажа до каде е постапката и дали има инволвирани од власта и дали поради вмешаност на функционери од СДСМ и ДУИ се заташкува скандалот, прашува Стојаноски.
Стојаноски исто така во врска со вчерашното однесување на Талат Џафери кој направи еклатантно прекршување и на Деловникот и на Кривичниот законик, ги заклучи вратите во Собранието кое е казниво со затвор.
– Дали Ковачевски го виде тоа и го осудува ваквото однесување или ќе каже дека вратата сама се заклучила? Вашето поведение не е смешно, не ниту трагично, туку е жалосно, изјави Стојаноски.
Македонија
НСДП ги утврди работните тела на петтиот конгрес, Кристијан Трајковски ја повлече кандидатурата за претседател

Извршниот одбор на НСДП на вчерашната седница го избра Работното претседателство на Петтиот Конгрес на НСДП, кој ќе се оддржи на 4 јуни во Скопје, а со кој ќе претседава Соња Мираковска во следниот состав: Мики Милковски, Јулијана Цековска, Стојанче Манев, Зоран Маневски, Марија Тодоровска, Драги Крстев, Тамара
Баара и Тони Ефремовски.
Исто така беше утврден предлог-составот на работните тела на Петтиот Конгрес и тоа Верификационата комисија, Кандидационата комисија и Изборната комисија. Покрај работните тела се утврди и Предлог-деловник за работа на Петтиот Конгрес и се дискутираше за останатите организациски подготовки.
Од партијата соопштија дека на крајот од седницата организацискиот секретар на НСДП, Кристијан Трајковски како потенцијален кандидат за претседател, ја повлекол својата кандидатура и му честиташе на Горан Мисовски, единствениот кандидат за претседател на НСДП утврден од страна на Централниот одбор на партијата.
Трајковски упати порака НСДП да остане единствена, обединета и да биде модерна партија која ќе има значајна улога на македонската политичка сцена и партија со ново раководство кое ќе продолжи да ги следи вредностите на основачот и прв лидер Тито Петковски.
Македонија
Реконструкцијата на пешачките патеки во Градскиот парк во завршна фаза – се асфалтираат патеките зад лунапаркот

Екипите на Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ продолжуваат со активности за реконструкција на пешачките патеки во Градскиот парк.
На терен деновиве се асфалтираат пешачките патеки зад лунапаркот. Патеките се со должина од 110 метри и широчина од 6,5 метри, со вкупна површина од речиси 710 квадратни метри.
Реконструкцијата на пешачаките патеки во Градскиот парк на вкупна површина од 9.000 квадратни метри се реализира во фази, а досега целосно се реконструирани 7.500 квадратни метри. Најголемиот дел од патеките веќе е целосно реконструиран и асфалтиран, а граѓаните може да ги користат за прошетки и рекреација.