Македонија
Маричиќ: Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални

Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на здравјето, истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ, за време на Седмиот регионален форум за владеење на правото во Југоисточна Европа на тема „Ковид-19 и правата заштитени со Европската конвенција за човекови права“.
„Соочени со непознатото, коронавирусот ја наметна потребата од тоа да во голем број држави се воведат рестриктивни мерки, кои, пред сè, однесуваат и ги засегаат човековите права. Повторно, Северна Македонија не беше исклучок и во период на техничката влада се соочивме со една од најсмелите одлуки, а тоа беше да прогласиме вонредна состојба за справување со последиците од пандемијата: здравствени и економски“, истакна Маричиќ.
Како една од најтешките одлуки на претходната влада, Маричиќ истакна дека било прогласувањето на вонредната состојба и дерогација на човековите права утврдени во Уставот и Европската конвенција за човековите права и воведувањето на рестриктивните мерки.
„Главниот предизвик во целиот свет во справувањето со оваа пандемија е во заштитата на човековото здравје, која често подразбира и воведување рестриктивни мерки. Наша заложба е рестриктивните мерки да бидат минимални и само кога е тоа нужно за заштита на јавното здравје. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките што се досега дадени, толку побргу ќе ја пребродиме оваа криза. Заедно со другите држави, и Северна Македонија прави максимални напори да го заштити јавното здравје и да балансира помеѓу рестриктивните мерки и економско-социјалните последици. Сепак, водилка во одлуките за заштита на човековото здравје и одлуките за справувањето со пандемијата треба да биде светото тројство: владеењето на правото, демократијата и човековите права“, потенцира Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.