Македонија
Масовно непрописно фрлање кабаст и градежен отпад на јавни површини, велат од „Комунална хигиена“ – Скопје

ЈП Комунална хигиена Скопје информира за масовно непрописно одлагање кабаст и градежен отпад на јавни и сообраќајни површини.
„Дрскоста на несовесните и неодговорно граѓани оди до таму што иако знаат дека согласно закон контејнерите се исклучиво за комунален отпад од домаќинствата, се исфрла градежен, кабаст и други видови отпад со кои сериозно се нагрдува градот, се загадува животната средина и загрозува здравјето на граѓаните.
Многу често контејнерите се преполни со кабаст и градежен отпад поради што останатите граѓани не можат да го одложат комуналниот отпад прописно, а зачестени се и појавите на непрописно одлагање отпад покрај садовите кога тие се сосема празни“, велат од Комунална хигиена Скопје.
„ЈП Комунална хигиена Скопје на терен задно со инспекциските служби на град Скопје има затекнато и казнето при непрописно и неконтролирано фрлање отпад над 600 лица во изминатите 4 месеци, и апелира за зголемена свесност да не се исфрла отпадот на јавни површини со што се создаваат диви депонии и се загрозува животна средина.
Од почетокот на годинава, екипите на претпријатието подигнаа над 3500 кубни метри отпад одложен на јавни и сообраќајни површини, а само во текот на месецот април се отстранети 950 кубни метри отпад од диви депонии покрај контејнерите, составен од кабаст и градежен отпад.
Ги информираме граѓаните дека секое исфрлање отпад надвор од наменски поставените садови претставува прекршување на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции, исто како и фрлањето друг отпад освен комуналниот од домаќинствата. Контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за одлагање мешан комунален отпад и во истите не смее да се одлага кабаст или градежен отпад.
Согласно Законот за јавна чистота, граѓаните и правните субјекти се ОБВРЗАНИ градежниот отпад да го одложат преку лиценцирано лице или директно на депонијата Дрисла и со истиот не смее да се загадува низ градот, во или покрај контејнерите поставени на јавни површини.
Во ЈП Комунална хигиена Скопје жителите на градот Скопје БЕЗ паричен надомест можат да го одложат својот кабаст отпад, во кој спаѓа мебел, електронските и електричните апарати, односно можат да го одложат во Центарот за селекција на отпад во Карпош секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот“, соопшти Комунална хигиена Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поддршка од министерот за правда за Пандов чијашто куќа беше запалена: „Случајот бара одлучна акција“

Министерот за правда Игор Филков најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого казнат можните сторители.
„Најостро го осудувам палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Овој случај како и неколкуте други случаи поврзани со лицата вработени во УИС и затворите, бараат одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат можните сторители“, вели Филков.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, претходно, на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот. Нема да не запрат и нема да не поколебаат, напиша тој.
Македонија
Кирков: Вработените во ЗОО последно земале февруарска плата

До Стефан Кирков, којшто е член на Советот на Град Скопје, пристигнала молба од вработените во скопската Зоолошка градина и барање за реакција и помош. Го известиле дека последна плата која ја земале е фебруарската плата и одтогаш немаат никакво примање.
„Веќе сме мај, а овие вработени се оставени без примања и навистина сум запрепастен до каде ќе се оди со непрофесионалноста во ова раководство на Градот и кадрите кој ги поставува?! Вработените од утре ќе бидат и без здравствено осигурување !!! Поминаа празници како 8ми Март, Рамазан Бајрам , Велигден на праг е и 1ви Мај а вработените се оставени и заборавени замислете да им се исплати плата !!! Цели фамилии страдаат од нечија непрофесионалност!“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој ги проѕва Град Скопје , Данела Арсовска и Зоран Попов сигнализирајќи и дека состојбата може да доведе до протести.
Македонија
Реконструкција на водоводна мрежа и проширување на мостот на Маркова Река, најави Општина Аеродром

Општина Аеродром најави дека во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.
Тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се почне со реализација на терен.
„Водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче за првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1 300 метри. Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром“, соопштија од Општината.
Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче.
„Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот“, се наведува во соопштението.
Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот,додаваат од таму, се два капитални инфраструктурни прокета од витално значење, особено за жителите на Долно и на Горно Лисиче, и се финансиски поддржани од Владата.
Вкупната вредност на реконструкцијата на водоводната мрежа изнесува 15.457.871 денар, додека вкупната вредност на проширувањето на мостот е во висина од 12.066.494 денари.