Македонија
МВР: Вложувањето во полицијата дава резултати – нови 8.550 чифта високи специјални чизми за потребите на ЕБР и за другите припадници на полицијата
Континуираното вложување во современа опрема на припадниците на македонската полиција е еден од приоритетите поставени на стратешко ниво од страна на ова раководство на Министерството за внатрешни работи почнувајќи од 2017 година до денес.
Деновиве, во магацините на МВР, врз основа на потребите на Министерството за внатрешни работи, a во согласност со планот за материјално-техничко унапредување на условите за работа на полициските службеници, вклучително и специјалните единици на МВР, пристигна набавката од 8.550 високи специјални чизми со врвен квалитет. Од нив, 550 чифта се за припадниците на Единицата за брзо распоредување, а 8.000 за другите припадници на полицијата. Вкупната вредност на набавката изнесува нешто над 46 милиони денари, без вклучен ДДВ, односно со единечна цена на чифт од 5.390 денари, без вклучен ДДВ.
Со ова се комплетираат испораките од спроведените јавни набавки на униформа во 2021 година, а се дел од инвестициите во полицијата, кои важат како најголеми по опфатот на служби досега.
Вкупно реализираните 10 милиони евра инвестиции во униформи покажуваат дека ова раководство на МВР, предводено од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е решено драстично да ги подобри условите за работа по највисоки европски и светски стандарди на опременост на полициските служби.
Така, изминатиот период беа распределени 16.000 летни и зимски панталони и здолништа, ремени и 8.000 зимски јакни. Претходно, сите организациски единици добија униформи, при што униформираната полиција доби по 10.000 чифта полувисоки чевли, како и чевли со подебел ѓон, по 10.000 кошули зимски и летни, со долг и со кус ракав, по исто толку летни и зимски капи и ремени, 6.950 машки и 1.050 женски маици со куси ракави со јака. Приправниците добија 670 комплети униформи, а обезбедени се и 2.330 флоуресцентни елеци. За Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамките на БЈБ обезбедени се 427 цивилни одела и по 427 цивилни кошули и обувки, а униформи и опрема за воздухопловен персонал доби и Хеликоптерската единица, кој се состоеше од зимска летачка јакна и заштитен комбинезон.
На ова треба се додадат и низата набавки на нови, современи, технички средства за секојдневно работење на полицијата, дел обезбеден преку донации, а дел од сопствени средства на Министерството, почнувајќи од техничка опрема за комуникација, софтверска, хардверска и лабораториска опрема, возила, звучна и светлосна опрема и сл.
Дополнително, кон ова треба да се има предвид дека од 2017 година наваму извршени се санации или реконструкции на 73 објекти од разни организациски единици на Министерството, а тој процес ќе продолжи и во текот на оваа година исклучиво со средства обезбедени од буџетот на Министерството. Како дел од материјално-техничкото подобрување на условите за работа на полициските службеници, во изминатиот период реновирани се 73 објекти на МВР на целата територија на државата, кои од септември 2021 година веќе не користат мазут како претходно, туку еколошки алтернативи, а при нивната реконструкција имплементирани се и други мерки за зголемување на енергетската ефикасност и заштита на животната средина.
Притоа, само годинава завршена е реконструкцијата на четири објекти, и тоа ОВР Прилеп, ЕВР Карпош, Одделот за заштита на определени личности и објекти и ОВР Радовиш, а во тек е реконструкцијата на објектите на ОВР Берово, ОВР Делчево, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе. Преку капиталните инвестиции во текот на 2022 планирана е реконструкција на два витални објекта – Одделението за управни работи во Скопје и Центарот за обука во Идризово, како и една целосно нова градба – полициска станица во Аеродром.
Во делот на идни активности спаѓа реконструкцијата на објектите на ОВР Македонски Брод, ОВР Демир Хисар и Полициското одделение Ново Село, со што ќе останат уште мал број објекти за реконструкција, со што ќе се заокружи обновувањето на комплетната инфраструктура на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

