Македонија
Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините на Северна Македонија и Грција

Во рамките на Форумот за конективност што се одржа во Солун, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и гувернерот на Независната управа за управување со јавни приходи Џорџ Ј. Пицилис денеска потпишаа Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините од двете земји.
Потпишувањето на овој меморандум е од голема важност за олеснување на транспортот и трговијата од ЦЕФТА страните кон Република Грција, и отвора можности за понатамошно проширување на Зелените коридори кон ЕУ.
„Особено задоволство ми претставува тоа што токму во годината кога Царинската управа одбележува 30 години од постоењето како независна служба сме дел од овој историски настан и потпишуваме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу нашите две институции. Во овој момент, потпишувањето на овој меморандум значи воспоставување на прв Зелен коридор на граничен премин со соседна земја членка на Европска Унија, користејќи ја SEED-платформата за размена на податоци на ЦЕФТА, и со визија за проширување на оваа иницијатива во иднина. Воспоставувањето на Зелени коридори како регионална активност, за првпат беше спроведена во април 2020 година на почетокот на пандемијата, во рамки на ЦЕФТА регионот. Денес, ова позитивно искуство го прошируваме и на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу двете земји и дел од Пан-европскиот Коридор 10. Продолжуваме со оваа иницијатива, и за брзо време очекуваме да ги разгледаме можностите за проширување на соработката и со Република Бугарија“, изјави Кутиров.
Пицилис истакна дека:
„Зелените коридори имаат големо значење не само за поширока трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и генерално за царинската соработка. Царинската служба на Република Грција учествува во спроведувањето на иницијативата за воспоставување на Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Република Северна Македонија, за електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони – Богородица, сакаме да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на недозволена трговија. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и проширување на соработката со другите соседни земји, во целосна согласност со царинското законодавство на ЕУ.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.