Македонија
Меѓународна недела на глуви лица: со знаковен јазик, сите се вклучени!
Меѓународната недела на глуви лица е иницијатива на Светската федерација на глувите, која првпат е иницирана во Рим, Италија, во 1985 година, со цел да се подигне свеста за правата на глувите лица и да се признае употребата на знаковните јазици во сите аспекти од општествениот живот.
Здружението „Млад знак“ (https://www.facebook.com/mzgnMLADZNAK) изминатата недела ги информира граѓаните на разни теми поврзани со глувите лица и нивната култура.
Според податоците на Светската федерација на глувите, во светот живеат околу 72 милиона глуви лица. Oсновното сретство за комуникација на глувите лица е знаковниот јазик, тој е нивниот природен мајчин јазик.
За глувите лица во Македонија, пристапот до македонскиот знаковен јазик е клучен за надминување на комуникациските бариери и учество во општеството на еднаква основа со сите други. Владите треба да обезбедат пристап до професионално толкување на знаковниот јазик од страна на сертифицирани толкувачи на македонски знаковен јазик при користење јавни услуги, како што се здравствената заштита, образованието или правосудниот систем.
Митови за глувите лица и нивната култура
1. Глувите лица може да комуницираат преку читање на говорот од уста
Многу луѓе мислат дека глувите лица лесно може да комуницираат преку читање на говорот од устата, без користење знаковен јазик. Вистина е дека читањето на говорот од уста е вештина која е многу значајна за глувите лица, меѓутоа истражувањата покажуваат дека многу мал дел од јазикот може да се разбере само преку читање на говорот од уста, без употреба на знаковен јазик истовремено.
2. Знаковниот јазик е универзален
Сите глуви лица во светот се разбираат и комуницираат на еден знаковен јазик. Знаковниот јазик не е унверзален. Во светот постојат повеќе од 300 знаковни јазици, кои се целосно природни јазици иако се структурно различни од говорните јазици.
Во Македонија глувите лица за комуникација го користат македонскиот знаковен јазик. Исто така, постои интернационален знаковен јазик, кој го користат глувите лица на меѓународни состаноци и неформално кога патуваат и се дружат со глуви лица надвор од нивната земја.
3. Доколку глувите деца го изучуваат знаковниот јазик од најмала возраст, тоа ќе го попречи развојот на говорот
95 % од глувите деца се раѓаат во семејства во кои родителите и другите членови на семејството слушаат. Повеќето од овие деца многу доцна или воопшто не се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да го совладаaт јазикот. Изучувањето на знаковниот јазик не го попречува развојот на говорот, знаковниот јазик може да се користи истовремено со говорот. Истражувањата покажуваат дека доколку глувите деца го изучуваат знаковниот јазик веднаш по откривањето на оштетувањето на слухот, тоа помога во развојот на јазикот и збогатување на вокабуларот. Тоа ќе ја олесни комуникацијата помеѓу членовите на семејството и ќе им овозможи на децата полесно да ги искажат своите потреби и мислења, да напредуваат и да се развиваат.
Нешто што е помалку познато е тоа дека знаковниот јазик, со мало приспособување, може да биде одлична алатка за подобрување на комуникацијата и кај лицата со аутизам. Нашето здружение во изминатиот период соработуваше со здружението „Сина светулка“ во изработка на видеа со поими од македонскиот знаковен јазик, кои беа приспособени на едноставен знаковен јазик и се наменети за семејствата на деца со аутизам и стручните лица што работат со оваа популација. Како што посочуваат од здружението „Сина светулка“, истражувањата покажуваат дека децата и лицата со аутизам кои немаат развиен говор може да научат да комуницираат со употреба на едноставен знаковен јазик. Предноста на знаковниот јазик е тоа што претставува визуелно поттикнување за изговорениот збор, овозможува комуникацијата да се случува брзо и децата полесно ќе ги искажат своите потреби и мислења, а тоа ќе го намали предизвикувачкото однесување и ќе ги зголеми можностите за социјална интеракција на децата со аутизам. Видеата заедно со други ресурси за работа со деца со аутизам се достапни на https://sinasvetulka.mk/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани во ЕП: Нашиот долг евроинтегративен пат, често надвор од Копенхашките критериуми, не ја поколеба нашата визија за полноправно членство
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.
Македонија
Утре претежно облачно со врнежи од дожд, на повисоките планини снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд пообилни во источните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, времето ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се очекуваат денес, во текот на ноќта и утре (над 25 l/m² за 24 часа). Во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а во некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег. Од четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен е Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на иселеници
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на јавната расправа за Национална стратегија за соработка со дијаспората, организирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, презентирајќи оценка, забелешки и предлози.
За неа, стратегијата е пресвртница во националната политика и сериозен обид за зајакнување на односите со дијаспората. Таа укажа дека за успех на стратешките определби е потребна централизирана интерсекторска координација, како и соодветна финансиска поддршка, како гаранција за одржливост на предвидените мерки и активности.
Претседателката ја посочи успешната стратегија на Црна Гора во соработката со дијаспората, гарантирана со Законот за дијаспора. Во уставната гаранција на грижата за положбата и за правата на нашите иселеници, таа препознава голема предност.
Според неа, нам ни е потребен Национален регистар на дијаспората за да го знаеме точниот број на нашите иселеници, нивниот профил, времетраењето на престојот итн.
Меѓу останатото, таа укажа и на потребата од преиспитување на решенијата од Изборниот законик и овозможување на иселениците да го уживаат нивното уставно загарантирано избирачко право.
Претседателката цврсто верува дека нашата дијаспора може да биде исклучително важен ресурс за македонскиот економски, образовен, научен и културен развој.

