Македонија
Меџити: Енергетската транзиција мора да оди рака под рака со еколошката правда и јавниот интерес

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска се обрати на свеченото отворање на MEF Energy Forum 2025 –регионален форум посветен на енергетската транзиција и климатските предизвици во Западен Балкан.
Во својот воведен говор, министерот Меџити порача дека „енергетската иднина на регионот не смее да се гради на штета на животната средина, здравјето на граѓаните и социјалната правда.“
„Западен Балкан нема луксуз да избира меѓу економски развој и еколошка одржливост. Двете мора да одат заедно – или нема да одиме никаде,“ рече Меџити пред учесниците на форумот.
Тој исто така посочи дека Министерството за животна средина и просторно планирање, веќе работи на усогласување на националната еколошка и енергетска рамка со Европскиот зелен договор и глобалните цели од Парискиот договор. Но, истовремено и предупреди дека имплементацијата мора да биде: брза, фер и транспарентна бидејќи како што кажа тој последиците од климатските промени веќе ги чувствуваме, а транзицијата не смее да ги остави најранливите заедници зад себе.
На крајот од своето обраќање, министерот упати повик за регионално здружување, инвестирање во чисти технологии и конкретни резултати наместо декларативни заложби:
„Не можеме да зборуваме за енергетска сигурност ако истовремено ги труеме реките, воздухот и земјата. Не ни требаат само добри намери, туку и храбри политики. Граѓаните очекуваат резултати, а оваа тема бара акција час поскоро“
MEF Energy Forum 2025 се одржува во Скопје под организација на ZIP Institute, со поддршка од Владата на Република Северна Македонија и повеќе меѓународни партнери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во повисоките делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
До петок времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, особено в петок. Во деновите од викендот и в понеделник времето ќе биде стабилно и малку посвежо со умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.