Македонија
Меџити и Вардар го претставија Мастер планот за Чаир, сеопфатна визија за модерна, функционална и урбано силно идентификувана општина
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити во соработка со
светски познатиот архитект, Бајрам Вардар, денес го претставија Мастер
планот за Чаир, стратешки документ кој има за цел трансформација на
општината во модел на одржлив развој, со модерна инфраструктура, урбано
зеленило, културни простори и нови образовни и младински центри.
Мастер планот е резултат на работењето на широк тим експерти од Турција
и Северна Македонија, под водство на архитектот Бајрам Вардар, урбанист
со потекло од Скопје, кој изгради успешна кариера во Турција и беше дел
од тесниот тим на претседателот Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот
мандат како градоначалник на Истанбул. Во тимот учествуваа и познатите
експерти Надир Доган и д-р Мустафа Тутар, заедно со локални специјалисти
кои обезбедија прилагодување на планот кон реалните потреби на Чаир.
Мастер планот се темели на седум клучни столбови на развој:
Транспорт и сообраќај
Заштита на културното наследство
Туризам и економија
Образование
Култура и уметност
Рекреација и спорт
Урбана трансформација
Фокусот на планот се конкретни решенија за олеснување на сообраќајот и
модернизација на инфраструктурата. Визијата предвидува изградба на
булеварот “Хрватска” и “Црна Гора”, што ќе овозможи движење од
Автокоманда кон Сарај без да се минува низ Чаир. Исто така, предвидено е
проширување на булеварите “Митат Фрашери”, “Џон Кенеди” и “Цветан
Димов”, како и оптимизација на клучните сообраќајни точки за зголемување
на протокот. Еден од најзначајните проекти е изградбата на кружниот тек
околу парк-шума Гази Баба.
Друг клучен елемент е ревитализацијата на Стариот Чаир, со конкретни
мерки за зголемување на бројот на туристи, развој на економијата и
културниот живот, со трансформација на традиционалните ханови во
функционални центри и епицентри на урбани активности.
Проектот предвидува и создавање на 5000 нови паркинг места, вклучувајќи
механички паркинзи, како и изградба на нови младински центри, реновирање
на постоечките училишта и креирање на модерен кампус за Универзитетот
“Мајка Тереза”.
Посебно внимание во Мастер планот е посветено на проектот „Модерна
Топхана“, кој има за цел трансформација на населбата Топхана во иконичен
и атрактивен простор за Скопје, со спојување на траги од верски,
културни и историски вредности со современ архитектонски јазик, во
согласност со стандардите на Европската Унија.
На настанот за презентација на Мастер планот присуствуваа граѓани,
архитекти, урбанисти, претставници на медиуми и јавни личности, кои ја
поздравија оваа иницијатива како голем чекор кон трансформација на Чаир
во европска општина со силен урбан и културен идентитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

