Македонија
Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава
Владата е посветена на изградба на правен и институционален систем, кој гарантира реална, а не само формална еднаквост, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити. Тој посочи дека последиците од формалната еднаквост се чувствуваат во земјата наведувајќи го примерот со, како што рече, половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик, оспорен пред Уставниот суд, како и укинатиот механизам на балансерот од страна на судот.
Меџити истакна дека Уставниот суд во мултиетничка држава има стратешка мисија да го штити не само уставниот поредок туку и мирот меѓу заедниците, како и да ја гради меѓуетничката доверба преку аргументирани и транспарентни одлуки.
Владата, додаде тој, ја зајакнува употребата на јазиците во согласност со Охридскиот договор и Уставот, спроведува инклузивни политики во образованието и културата, гради мултиетничка државна служба и поддржува реформи во правосудството за независно и непристрасно судство.
Меџити посочи дека во тек е изработка на законот за правична застапеност, а вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат наведувајќи дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Македонија.
Тој нагласи дека Владата подготвува и закони што ја продлабочуваат локалната демократија, ја зголемуваат отчетноста кон граѓаните и им даваат повеќе надлежности на општините.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е дух на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост“, рече Меџити додавајќи дека Охридскиот договор треба да се реализира во секојдневни закони, политики и институции, кои му служат на граѓанинот со чесност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Посебна Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, тоа е барање на родителите
Нашиот став е дека ние ќе ги поддржиме двете анкетни комисии. Едната којашто ја предлага владеачкото мнозинство каде сакаат да се дискутира за сите трагедии во минатото, меѓутоа сметам дека имаме обврска да организираме и посебна Анкетна комисија само за трагедијата во Кочани, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Мора да имаме одговорност пред општеството, пред државата. Тоа е пред се на барање на родителите, на загинатите и повредените деца. И апелирам сега до сите пратеници да го поддржат формирањето и одржувањето на таа анкетна комисија само за трагедијата во Кочани. Рековме немаме проблем ќе гласаме и ќе ја поддржиме и таа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и владеачката коалиција во којашто сака да се разговара за сите трагедии претходно. Во јавноста излегоа повеќе луѓе, ги коментираа овие иницијативи, правници и така натаму. Легитимни се нивните ставови. Треба да се земат предвид дали има, дали нема судски процеси, каде се завршени“.
Според него најбитно во овој контекст и како што рече упатува апел сите, дури експертите да го работа ова.
„Имаме ние пред се и морална обврска пред сите луѓе коишто ова го бараат од нас. Мора да се слушне гласот во собранието. Тоа е дом на сите граѓани во конкретниот случај родителите на загинатите и повредените деца коишто ова го бараат од нас. Очекувам од сите пратеници да ја поддржат анкетната комисија за несреќата во Кочани како што сите ние ќе ја поддржиме и таа друга анкетна комисија којашто тие ја предлагаат“.
Македонија
Aлиу на Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Здравствениот систем мора да ја препознае секоја рана тешкотија во развојот
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес во Влада присуствуваше на одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Армен Григорјан, в.д. постојан координатор на ООН.
-Заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади активно и Министерството за образование и наукa работиме на воспоставување семејно-ориентиран систем за рана интервенција во детството. Првите години од животот се клучни за развојот на секое дете. Здравствениот систем мора да ја препознае секоја рана потешкотија во развојот, затоа се обучуваат тимови во јавните здравствени установи во Скопје кои веќе обезбедуваат семејно-ориентирани услуги. Паралелно, Министерството работи на развивање универзален систем на скрининг за сите деца до шестгодишна возраст, со што секое дете ќе има пристап до рана процена, без разлика каде живее, истакна министерот Алиу.
Министерството за здравство, заедно со Министерството за социјална политика и со поддршка на Светска банка работи на отпочнување заеднички пилот-проект за воспоставување сеопфатен систем за проценка на лицата со попреченост, прв чекор кон создавање единствен регистар и унапредување на законската рамка за проценка и обезбедување на правото на надоместокот за помош и нега од друго лице.
Македонија
СДС е трагедија на македонското општество, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ смета дека реакцијата на СДС е на ниво на состојба која е надвор од сферата на политиката, а повеќе, како што велат, во сферата на душевното здравје на авторите кои од ноторни криминалци прават жилави луѓе и жртви.
„На народот ова соопштение не му смешно, нити интересно, затоа што токму тој народ е ограбен и злоупотребена е неговата доверба од страна на паланечки интриганти и лопови кои ја користеа политиката за свои цели за сега нивните платеници да раскажуваат вакви неинвентивни вицови и да сметаат дека којзнае што кажале.
Тој ментален склоп и тој систем кој тие го имаат создадено е трулежот на македонското општество. И колку и да глумат кловнови со вакви соопштенија (жалиме за реториката но посоодветен термин не можеме да најдеме), сепак нема да може да избегаат од својата одговорност за сите свои злодела“.
Убедени сме, додаваат од владејачката партија, дека оваа реакција или ја пишувал лично Зоран Заев или некој кој им е на платен список и сака да им испадне интересен и се адаптира на нивниот систем на вредности и хумор кој е разбирлив за одредена категорија на луѓе.
„Но и друг да ја пишувал убедени сме дека ја одобрил директно Зоран Заев. Филипче не го ни прашале за реакцијава. Ова е трагедијата на македонското општество. Трагедија која со работа и посветеност ќе ја решиме и претвориме во шанса и наде“.

