Македонија
Меџити: Северна Македонија постигна голем напредок во справување со антимикробната резистенција
Во рамките на 73. сесија на регионалниот комитет на СЗО за Европа (RC73), кој се одржува од 24 до 26 октомври 2023 година во Астана, Казахстан, министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, се обрати на денешната сесија на тема „Патоказот за антимикробна отпорност за европскиот регион на СЗО 2023-2030 во Северна Македонија“.
„Северна Македонија постигна голем напредок во овој напор за справување со антимикробната резистенција, меѓутоа аспектот на ‘Едно здравје’ за превенција и контрола на антимикробната резистенција треба дополнително да се развива, а патоказот ќе обезбеди насоки за ова“, истакна министерот Меџити.
Министерот посочи дека фокусот ќе биде ставен и на надзорот на антимикробната резистенција во рамките на Системот за управување со лабораториски информации (LIMS), што се развива со поддршка на СЗО.
„Приоритет ќе бидат образовните иницијативи насочени кон здравствените работници, пациентите и јавноста за промовирање одговорна употреба на антибиотиците. Ова вклучува примена на претпазливи практики на препишување и обезбедување достапност на алтернативи на антибиотици кога е соодветно. Ќе работиме и на зајакнување на мерките за превенција и контрола на инфекции во здравствените установи за да се намали ширењето резистентни инфекции фокусирајќи се на градење капацитети за здравствените работници“, рече министерот.
Воедно, тој потенцира дека поддршката на Светската здравствена организација е непроценлива во напорите за справување со антимикробната отпорност, како и споделувањето на најдобрите практики, искуства и научени лекции во спроведување на патоказот меѓу земјите од Балканскиот Регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.