Македонија
Меџити: Формираме нов ургентен интернистички центар, за една година направивме позитивни промени во здравството
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, денеска, заедно со главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, Маја Стевкова-Штериева, и директорот на Кластер Западен Балкан, фармација, при „Алкалоид“ АД Скопје, Владимир Индов, потпиша договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија.
„Исполнуваме уште едно ветување! Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании ‘Алкалоид’ и Комерцијална банка, потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција што ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина многу се гордеам што почнуваме со нејзина реализација.
Целта на овој тријажен центар е да претставува прв контакт со пациентите, каде што е предвидено да се укажува итна здравствена заштита. Тука, пациентите, ужте од приемот би претстојувале од 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома“, рече министерот.
„Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 м². Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рендген, ЕХО-апарат, ендоскопија.
Упатувам благодарност до компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти. За една година направивме позитивни промени во јавното здравство, продолжуваме и понатаму со ист интензитет да го зајакнуваме здравствениот систем“, изјави Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.