Македонија
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
На денешниот видеонастан организиран од Фондацијата „Информација и заштита на природата“ (ФИЗП), подружница во Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), се презентираа резултатите од проектната активност „Заштита на диви видови растенија, кои се собираат за трговски цели“.
Проектната активност има цел да се направи оценка на состојбата и да се идентификуваат расположивите количини за одржливо користење на мечкиното грозје (Аrctostaphylos uva-ursi), растение што интензивно се собира од природата.
Во споредба со развиените западноевропски земји, Северна Македонија има богата биолошка разновидност поради разните климатски услови присутни на оваа релативно мала територија, како и самата положба, но и добро зачуваните природни екосистеми. Има повеќе од 700 видови лековити и ароматични растенија (ЛАР). од кои најчесто се користат околу 220. Речиси 75-80 % од лековитите растенија и бобинки во Република Северна Македонија, како и во повеќето балкански земји, се собираат од природата. Дел од ова природно богатство е од голема важност и за локалната економија бидејќи повеќе од 50.000 семејства или 200.000 луѓе (просечно четиричлено семејство) имаат дополнителен приход од нивно собирање. Дури една четвртина од локалното население може да живее од споредните шумски производи ако тие се обработуваат во близина на местото каде што се собрани.
Мечкиното грозје се смета за едно од највредните диви растенија и за природата и за локалната економија. Во Република Северна Македонија тоа не е опфатено во листата на строго заштитени и заштитени диви видови и не е под забрана за собирање. Популацијата на мечкиното грозје во Република Северна Македонија е единствениот извор на оваа суровина во регионот. Во сите соседни земји е заштитен вид и е забранет за комерцијално собирање. Економски развиените западни членки на ЕУ одамна толку многу го оштетија својот биодиверзитет што речиси нема што да се собере од дивината. Германија, Италија, Франција и други увезуваат билки, печурки, бобинки, лишаи од нашиот регион и ги преработуваат, со што се создаваат работни места за нивните луѓе и индустри. Сепак, тие немаат проблеми со зачувување на дивите живеалишта на тие растенија бидејќи традициите за собирање речиси исчезнаа и нема притисок врз дивите живеалишта. Од оваа причина во ЕУ не постои посебно законодавство што се грижи за зачувување на лековити растенија, габи и сл. Затоа балканските земји не можае да се потпрат на Европската комисија бидејќи старите земји членки немаат такви проблеми.
Искуствата од соседна Бугарија кажуваат дека е наша одговорност, на владите и луѓето од нашиот регион, да го развиеме и спроведеме нашето национално законодавство, кое ќе ги зачува вредните видови, кои воедно се важни ресурси за локалниот економски развој. Во таа насока препораките се Северна Македонија да има свои системи на рано предупредување, контрола, санкции и поддршка за одржливо користење на ресурсите на диви растенија, кои се собираат од природата.
На настанот се презентираа заклучоци и препораки во корист на зачувување и одржлива употреба на мечкиното грозје. Главното укажување беше дека природните ресурси не растат во неограничени количини и потребна е заедничка акција од сите инволвирани институции во нивната одржлива употреба. Во таа насок, беше спомената кампањата за подигнување на јавната свест со мотото „Грижливо собираме“, спроведена во рамките на истиот проект.
Настанот иницира дискусија на разни заинтересирани страни како најефикасно да се подобри заштитата на дивите видови растенија што се собираат за трговски цели.
Проектна активност се имплементира во рамките на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање за користење на земјиштето“. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), се спроведува преку УНЕП, главен партнер и корисник е МЖСПП, а локален партнер во спроведувањето на оваа проектна активност е Фондацијата „Информација и заштита на природата“ – ФИЗП, подружница во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

