Македонија
Комисијата за заразни болести препорача второто полугодие да почне со физичко присуство

Комисијата за заразни болести препорача стартот на второто полугодие да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој присуствуваше министерот за здравство, Беким Сали беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со Ковид-19 во земјава.
Поради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата препорача од клиниките кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје во наредните денови да продолжат со работа како ковид-центри и да се отвори дополнителен ковид-оддел во ГОБ „8 Септември”. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности.
Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид-центрите, во моментот се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 лица на инфективни одделенија во државата.
Воедно, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од Ковид-19.
Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Арсовски: Вработени во Влада на државен трошок како новинари си правеле екскурзии во Софија

Владата на СДСМ предводена од Ковачевски се претвори во туристичка агенција. Вработените патуваат на сметка и на конто на државата, ги пуштаат во Бугарија на пат како новинари, а згора на се, од СОЗР и од Владата лажат и демантираат дека тоа не е така, а никаде ама баш никаде не објавија официјални документи за она кое што го тврдат, односно го демантираат, истакна на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
На заедничката седница која што требало да се одржи во јануари во Софија помеѓу двете влади, на четвртата седница на нашата Влада во Република Македонија, појасни Арсовски, била изгласана одлука да се обезбеди бесплатно сместување, патни трошоци и ПЦР тестови единствено за новинарите, а никаде не е донесено одлука за вработените, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека пак од СОЗР, Служба за општи и заеднички работи која што е под Владата, 6 луѓе заедно со директорот на СОЗР биле на државен трошок три дена во Софија додека траела седницата. Тотално е нејасно зошто мора да одат 6 луѓе од СОЗР на заедничка седница помеѓу двете Влади, а згора на се да се обидат истите тие да бидат така наречено протнати на списокот како новинари. Очигледно се работи за екскурзија и за тура на која што требало да ја разгледаат Софија како изгледа. Трето нема. Еве и нив јавно да ги прашаме: Дали е точно дека на четвртата седница на Влада на Република Македонија, било донесено одлука во точка 5, каде што пишува дека само за новинарите се обезбедуваат сместување, превоз и ПЦР тестови и никаде не е наведено дека за вработените во Влада или СОЗР?“, праша Арсовски.
Оценува дека луксузот на грбот на граѓаните е една од примарните работи кои што ги работи оваа Влада предводена од Ковачевски и СДСМ, и нејзините поданици.
„Додека граѓаните не можат да преживеат и да се прехранат, владините претставници се луксузираат и си прават екскурзии на грб на граѓаните и на државна сметка.
Секој смешен демант што го пуштаат од страна на СОЗР или од Владата да го демантираат овој скандал за вакви случаеви, не само за ова туку и за други, само покажува колку тие се очајни и смешни. Затоа, наместо штури и празни соопштенија и деманти без докази, за ова некој треба да си понесе одговорност или најмалку што треба да направи е да ги врати тие неколку илјади евра во буџетската каса кои што ги потрошиле за оваа екскурзија и никако поинаку!“, потенцира Арсовски.
Македонија
Заев: Со томосот на СПЦ до Вселенската патријаршија, не постои пречка за прогласување на афтокефалност на МПЦ-ОА

Македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, сите заедно одлучивме да живееме во мир, единство, слога и напредок. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина, напиша на фејсбук, поранешниот премиер Зоран Заев.
„Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност. Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност“, потенцира Заев во напишаното.
„Со благословот и томосот за афтокефалност на МПЦ-ОА што Српската православна црква го упати до Вселенската патријаршија веќе не постои ниту една пречка и очекуваме патријархот Вартоломеј да ја прогласи МПЦ-ОА и официјално за афтокефална“, вели Заев.
Македонија
Tупанчески на Регионална конференција-Иницијативи за мерки во борбата против корупцијата

Министерот за правда, Никола Тупанчески оствари повеќе билатерални средби во рамките на Регионалната конференција ,,Култура на интегритет-зајакнување на антикорупциските мерки” која се одржува во Шибеник, Република Хрватска. Тупанчески се сретна со Валтер Кемп, Директор на Канцеларијата на Глобална иницијатива во Виена, задолжен за Западен Балкан и амбасадорот Угљеша Звекиќ, задолжен за развивање на проекти од обаста на антикорупцијата.
Беше заклучено да се развие натамошниот дијалог меѓу владите на земјите од ЈИЕ и граѓанското општество, потенцирајќи ја притоа важноста од градење на културен дијалог кој е нераскинлив дел од културата на идентитет.
Тупанчески се сретна и со министерот за правда на БиХ, Јосип Грубеша. Двајцата министри ја нагласија досегашната соработка како значајна основа за проширување и подобрување на рамката на истата меѓу двете земји преку активности на размена на искуства и најдобри пракси во повеќе области од надлежност на министерствата, а особено во делот на подготовката на националните стратешки документи и обезбедувањето имплементација на активностите предвидени со реформските процеси со правосудствата на РСМ и БиХ.
Регионалната конференција беше искористена и за одржување билатерална средба меѓу министерот за правда Никола Тупачески и шефот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива, Десислава Готскова. На средбата беше дискутирано за можностите за обезбедување на институционална поддршка на земјите кои се дел од РАИ, но и аспектите со кои е опфатена соработката, ангажманот и придонесот на РСМ во РАИ имајќи го предвид значењето од одржување и зајакнување на регионалниот пристап во реализација на мерките и активностите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и афирмирање на интегритетот во правосудствата на земјите од Западен Балкан кои се членки на РАИ.