Македонија
Мигранти биле уценувани, тепани и измачувани во куќа во Македонија, приведени четири лица
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица.
Лицата, еден македонски и тројца пакистански државјани се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело Криумчарење мигранти.
Кон крајот на месец октомври и почетокот на ноември, осомничените, заедно, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин. Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат роднините да префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки.
На ваков начин осомничените постапиле и кон две лица со индиско потекло. Тие вознемирени и со плачење се јавиле на свој пријател во Белград и побарале да уплати на сметка по 1300 евра за секој од нив, за да им биде овозможено понатаму да ја продолжат рутата. Пријателот веднаш случајот го пријавил во српската полиција. По добиената информација од страна на органите на Србија, вечерта на 1 ноември, македонските полициски службеници спровеле полициска акција во селото Ваксинце. Во куќата на првоосомничениот, каде во нечовечки услови со денови биле затворени мигрантите, при претрес се пронајдени првоосомничениот и дванаесет мигранти од кои две се малолетни лица, а тројца се препознаени како сторители на кривичното дело. Десетина лица – мигранти избегале непосредно пред полициската акција.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и со Решение на тројца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена, а за еден осомничен е определена мерка куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

