Македонија
Милевски: Св. Еразмо станува современ центар за физикална терапија

Со нова опрема и реновирање специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо во Охрид ќе прерасне во современ центар за физикална терапија, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски посочувајќи дека ова е единствената болница во Југозападниот плански регион од овој домен, но исто така е и единствената болница која е специјализирана во делот на ортопедија и трауматологија на ниво на цела држава.
„Во моментот овој центар не функционира со полн капацитет односно не функционира базенот и делот за хидротерапијата поради високите трошоци за загревање на базенот. Бидејќи хидротерапијата е многу значаен дел од физикалната терапија за комплетна рехабилитација на пациентите, со проектот се предвидува реконструкција на постоечкиот базен за физикална терапија, со градежни зафати за енергетска ефикасност, вградување на инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, опремување на центар за физикална терапија со сите потребни помагала за корисниците/пациентите и обезбедена одржливост на проектот со соодветно и правилно одржување на реконструираниот објект. Овој проект е доказ дека заедно со Швајцарската влада се грижиме за граѓаните преку инвестиција во здравството“, појасни министерот.
Според Милевски, Министерството за локална самоуправа преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди 8 милиони денари за проектот во рамките на развојни цели на Југозападниот плански регион, придонесува кон подобро искористување и зајакнување на расположливите човечки, материјални и природни ресурси, подобрување на условите на сите граѓани преку системско и институционално содејство во функција на побрза рехабилитација, поквалитетно живеење и развивање на механизми за социјално вклучување на ранливите групи од регионот.
„Овој проект е од огромно значење, реконструкцијата ни беше неопходна, како за пациентите од сите возрасти, долго време овој базен не беше во функција и наскоро ќе биде готов, ќе може да се користи за кој е наменет, поточно за пациентите пред и пост оперативно, за нивна рехабилитација. Капацитетот на Св. Еразмо е 150 кревети но редуцирани сме заради пандемијата. Со планираните промени ќе се намали времето за престој во болницата и времето за рехабилитација на пациентите, ќе придонесе за намалување на деформитетите на децата во раст кои ќе користат физикална терапија со што ќе се подобри квалитетот на животот во заедницата за сите граѓани во регионот вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, стари и изнемоштени лица, деца во раст и развој“, вели директорот на Св. Еразмо, примариус д-р Ацо Велески.
Една од најважните придобивки е зачувување на животната средина и заштедата на електрична енергија за 50 проценти за што ќе бидат поставени 46 соларни панели.
„На Форумот на заедниците идентификувани се потребите во овој регион, така што овој проект беше потребен и прво рангиран. Проектот опфаќа, три фази кои треба да се реализираат до април, така што веќе се работи и сме во првата фаза, така што очекуваме на пролет да се пушти во употреба и овој дел од болницата“, додаде директорката на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.