Македонија
Милошоски: Со кое право викендов Османи преговарал за историјата, јазикот и интересите на македонскиот народ
Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешното свое обраќање на протестот што се одржа пред МНР под мотото „Оставка за Заев, слобода за народот“ побара оставка од оние кои викендот преговараа со нивните колеги од Софија, односно од министерот за надворешни, Бујар Османи, и неговите соработници.
„Најпрво да ви се заблагодарам за присуството и да го поздравиме министерот Бујар Османи со едно барање за оставка. Оставка од тие кои овој викенд беа затворени во МНР, министерот и тројца негови соработници и преговараа целодневно со нивните колеги од Софија, во чие име преговараа што преговараа и што договорија, на чија сметка, кој им дал мандат да преговараат она што е традиција, интерес, историја, книжевност и јазик на македонскиот народ. Затоа почитувани да не се чудите зошто Бујар Османи и Никола Димитров и Зоран Заев не доаѓаат во Собрание, затоа што тие се навикнати на тајни преговори. Тајни преговори кои потоа ќе ги плати народот како што и досега и овие неуспешни политики на владата ги плаќа народот. За жал, она што го ветуваа живот за сите и европска Македонија гледаме дека денес стана само полошо место за живеење оваа држава предводена од Зоран Заев, од корумпирани политичари коишто националните интереси го гледаат само како предмет, а преговораат за да може да останат во фотелјите во коишто се наоѓаат“, рече Милошоски.
Тој во своето обраќање потсети и на онаа фотографијата од 2018 година дека Македонија добила датум за преговори.
„Заев и Бујар Османи и Никола Димитров се сеќавате на онаа легендарната фотографија во 2018 година дека сме добиле датум, каде е датумот, дали некој од нив го украде датумот, ние знаеме од овие тројца кој го украде датумот, но еве нека се произнесат тие“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

