Македонија
Милошоски: Ако се точни тврдењата на Заев и Касами дека ДУИ е криминална партија, тогаш како ние да гласаме за Џафери
На денешната собраниска седница од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „За обнова на Македонија“ се обрати Антонијо Милошоски, кој наведе два, според него, важни аргумента поради кои не треба да се гласа за Талат Џафери да биде претседател на Собранието уште еден мандат.
„Во однос на предлог-точката за избор на претседател на Собранието, би сакал да истакнам два аргумента зашто нема да гласам за кандидатот Талат Џафери. Првиот аргумент е она искуство што го имавме од претходниот мандат. Споменато беше европското знаменце, замислете, господинот Талат Џафери не само што многу предлог-закони ги прифати тука да се расправаат со европско знаменце, а нема никаква допирна точка со европската регулатива, туку во октомври 2019 година го прифати и го прими од Владата, без да поднесе забелешки назад, што би било во негова надлежност доколку го почитува Деловникот, дури и законот за марихуана со европско знаменце“, рече Милошоски.
Како втор аргумент Милошоски ги наведе тврдењата на коалицискиот партнер на СДСМ, кој пред да се постигне договор за влада зборуваше за тоа дека ДУИ треба да оди во опозиција и дека е криминална партија, па според него, доколку овие тврдења се точни, секој треба да се подзамисли пред да гласа за претседател на Собранието да биде Талат Џафери.
„Вториот аргумент за кој сметам дека не треба да се гласа за господинот Џафери како предлог-кандидат за претседател на Собранието е даден од коалицискиот партнер на господинот Џафери. Ако овие тврдења што се дадени од СДСМ се точни, тогаш денес навистина секој треба да се замисли што ќе се изгласа на чело на Собранието и каква ќе биде таа функционалност и кредибилитет на собранискиот дом. Господинот Заев тврдеше на еден негов телевизиски настап на ‘Алсат’ дека и ДУИ знае оти самите треба да одат во опозиција и да изградат економски став и програма. Тоа значи дека господинот Заев тврди оти ДУИ досега немала економска програма, а како висок претставник на ДУИ е токму и господинот Талат Џафери. Господинот Заев тврдеше дека во Шестата изборна единица ќе ја победи ДУИ, ќе ги победи Алијансата и Алтернативата затоа што на народот му е преку глава од квазипатриоти и квазинационалисти, а тоа значи дека господинот Талат Џафери има право да избере едно од овие две – дали е квазипатриот или квазинационалист или можеби и двете. Го гледам тука и господинот Касами, кој исто така остро ја критикува ДУИ, а кога се критикува ДУИ, не значи дека се критикува членот од Форино или од Чегране, туку се критикуваат сите оние што ги преставуваат како раководство и кои исто така на митингот или трибината во Тетово рекоа дека ДУИ е дел од недемократски режим, каде што преовладува криминал и корупција. И сега како да му веруваме на потписот на Билал Касами и на потписот на Зоран Заев дека ние гласаме за чесен или за кредибилен претседател на Собранието, господинот Џафери, или за она што го тврдеше господинот Касами или господинот Заев дека гласаме за криминал, корупција и политичари што немаат економска програма“, потенцира Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

