Македонија
Милошоски: Османи во Собранието да ги презентира македонските одговори на бугарските барања
Со писмо упатено до министерот за надворешни работи бараме да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ни ги достави одговорите коишто македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот план 5+1, рече на денешната прес-конференција во Собранието, Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски посочи дека ваквото барање произлегува од фактот што сметаат дека не е демократски пратениците во софиското Собрание да го знаат она што македонските пратеници не го знаат.
„Македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој јавно праша и дали има нешто што се крие.
„Ова барање го претставувам денес јавно и од една дополнителна причина, бидејќи министерот за надворешни работи Бујар Османи, иако е скаран со неговиот колега Никола Димитров, сепак минатиот декември покажа дека имаат исти навики. Минатиот декември му доставивме барање да се обрати пред Комисијата за надворешна политика, но, за жал, истото го игнорираше и не се појави, а е негова законска обврска. Затоа сметам дека со порака преку јавноста, покрај вака со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност да дадат отчет за нивната работа“, посочи Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

