Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја бомбардира јавноста со измислици за Дубаи, но немаат ниту една слика од таму, велат од СДСМ
Денови наназад гледаме таблоидна офанзива од кујните на ВМРО со ист наратив, исти наслови и ист стил – агресивно повторување лаги за претседателот Филипче. Целта е дефокус од криминалните тендери на ВМРО и договорот мигранти за пари, велат од СДСМ.
„Јавноста се бомбардира со измислици за Дубаи, визи, згради и летови што не постојат. Го следат претседателот Филипче, ги злоупотребуваат службите, но не објавуваат слики од Дубаи? Зошто нема ниту една слика од Дубаи? Затоа што ги нема. Зошто нема фотографија од авион, од било што? Одговорот е едноставен и очигледен – затоа што лажат“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека ВМРО и колаборатите од ЗНАМ не демантирале ниту еден факт што го објавил СДСМ за криминалните тендери.
„Нема одговори. Има само copy-paste текстови, сензационалистички наслови и обиди преку медиумска бучава да се прикрие суштината дека ВМРО и ЗНАМ делат криминални тендери зад грбот на народот. Затоа им е потребен дефокс. Затоа се фабрикува приказна за Дубаи. Сакаат темата за криминалните тендери и мигранти за пари да се задуши. Но вистината не се брише со таблоидни наслов. Дефокусот е прочитан. Лагите се разоткриени“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче зборува за сиромаштија, а оди на зимување во Дубаи
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.

