Македонија
Министерот за косовските безбедносни сили, Бериша, во работна посета на Македонија
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со делегација од Министерството и Армијата на Република Македонија денеска имаше работен состанок со делегација од Министерството за косовските безбедносни сили, предводена од министерот Рустем Бериша, кој е во кратка работна посета на земјава.
Шекеринска и Бериша изразија задоволство од одличните билатерални односи, како и успешната одбранбена соработка помеѓу двете земји.
„Македонија постави еден нов стандард кога станува збор за добрососедските односи и меѓусебната поддршка во регионот. Покажавме дека не само што сакаме да одиме кон Европа туку имаме капацитет и волја европскиот начин на однесување, и покрај сите предизвици, да го донесеме на Балканот. Тоа е видливо и за нашите европски и евро-атлантски партнери, поради што Македонија денеска е земја со покана за членство во Алијансата, што има позитивно влијание на регионот“, рече министерката Шекеринска на средбата и додаде дека евро-атлантската перспектива за земјите е од големо значење за стабилноста на целиот регион.

Шекеринска го запозна косовскиот колега со обврските за Македонија во актуелната фаза од пристапување кон НАТО – пристапните разговори, и рече дека Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства со земјите од Западниот Балкан, чија цел е интеграцијата во НАТО.
Во однос на соработката, министерката Шекеринска посочи дека нејзина круна е школувањето на питомци од Косово на Воената академија во Скопје.
„Македонија и во иднина ќе продолжи да школува питомци за потребите на Косовските безбедносни сили, а ми причинува задоволство фактот што и Косово има сериозен интерес овој процес да продолжи“, рече министерката.
Косовскиот министер се заблагодари на соработката со Македонија во одбраната и се заложи за нејзино зајакнување. Министерот Бериша ја поздрави посветеноста на Македонија на интеграцијата во НАТО и ЕУ и рече дека членството на Македонија во НАТО ќе има позитивно влијание на безбедноста во регионот. „Соработката меѓу Македонија и Косово како соседски земји води кон одржлив мир и стабилност во регионот“, рече Бериша. Воедно, тој информираше за плановите и предизвиците со кои во моментов се соочува Косово во политичка и безбедносна смисла.

Шекеринска рече дека Македонија ќе ја збогати соработката со Косово и ќе продолжи да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под медијаторство на Европската Унија. Таа се согласи дека билатералната соработка меѓу земјите во регионот е начин да се унапреди безбедноста и стабилноста во регионот и изрази надеж дека регионалните предизвици, преговори и отворени прашања, ќе се затворат на начин кој ќе биде во интерес на напредокот на целиот регион.
Македонија и Косово во областа на одбраната и безбедноста соработуваат од 2010 година кога беше потпишан и меморандумот за соработка, кој опфаќа области како безбедносната и одбранбена политика, медицинската обука, военото образование, стручното усовршување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

