Македонија
Министерот Спасовски на билатерални средби со високи европски претставници
На маргините на министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ во Република Словенија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари билатерални средби со координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Илка Салми, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, и директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот (ЕАСО), Нина Грегори.
„Постигнувањата на земјата во однос на исполнување на препораките од заедничкиот акциски план за борба против тероризмот се неспоредливо позитивни во изминатиот период. Особено значајни резултати постигнавме во 2020 кога беше сузбиена 11-члената терористичка организација, а во рамките на случајот беше запленета и поголема количина оружје, муниција и експлозив“, истакна министерот Спасовски на средбата со европскиот координатор за борба против тероризмот, Салми.
На средбата беа поздравени остварувањата во текот на 2020/2021 од аспект на 11 донесени правосилни пресуди од областа на борбата против тероризмот, со кои им е изречена казна затвор на 11 лица, како и преземената солидарна одговорност на Република Северна Македонија како земја членка на НАТО активно да се вклучи во заложбата на меѓународната заедница да ги заштити цивилите изложени на ризик во Авганистан, кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле со меѓународни организации и агенции.
Билатералната средба со еврокомесарката Илва Јохансoн помина во знакот на повеќе прашања од аспект на внатрешните работи, а акцентот беше ставен на миграцијата и борбата против организираниот криминал. За време на разговорите беше нотиран значителниот напредок на државата во областа на правдата, слободата и безбедноста и вложените напори за исполнување на потребните критериуми, што резултира со препорака за отворање на пристапните преговори, без никакво одлагање во согласност со последниот извештај на Европската комисија.
Министерот Спасовски истакна дека формалниот почеток на пристапните преговори, вклучувајќи ги и поглавјата 23 и 24, ќе овозможи продлабочување на реформите и постигнување подобри резултати во воведувањето на ЕУ-стандардите, кои ќе им донесат добросостојба на сите граѓани.
„Продолжуваме со имплементацијата на ЕУ реформите во нашето општество. Во тој дух реформскиот план на Владата на РСМ – ‘Европа дома’ – беше усвоен за да се насочи реформската агенда во избраните приоритетни области вклучувајќи ги и темите што ги дискутиравме на овој министерски форум. Дополнително, Владата ја усвои Националната програма за усвојување на правото 2021-2025 како сеопфатен клучен стратешки документ што ги дефинира реформските приоритети, временската рамка и потребните ресурси за севкупниот процес на пристапување“, објасни министерот Спасовски во текот на средбата со еврокомесарката Јохансон.
Министерот Спасовски истакна дека определбата на РСМ да биде дел од глобалниот одговор за управување со миграциските текови се рефлектира и во изготвувањето на новата резолуција за миграциска политика, која во моментот е во фаза на усвојување од страна на Собранието, а со цел зајакнување на систематско регистрирање мигранти и заштита на профилирањето чувствителни податоци со поддршка на ФРОНТЕКС, со кој соработката се продлабочува во сите области, ќе се работи на подготовка на мастер-план за регистрација на мигранти, кој претставува основа за развивање таков ИТ-систем, кој ќе биде во можност да се приклучи кон ЕУРОДАК веднаш по пристапувањето на државата кон ЕУ. Притоа беше изразено задоволство од усогласеноста на законодавството на Северна Македонија во делот на азилот со законодавството на ЕУ.
На средбата беше дискутирано за почнување со онлајн-регистрација и спроведување главно интервју како одговор на предизвиците што ги наметна пандемијата, со цел континуирано да се обезбеди пристап до постапката за азил, што наиде на позитивен повратен одговор од страна на сите фактори во постапката. Министерот Спасовски објасни дека во изминатиот период се финализираа предвидените активности за обуки на основните модули на ЕАСО за вработените на секторот за азил, а за стандардните оперативни процедури, чија македонска верзија уште минатата година беше доставена до ЕАСО, е предвидено нивно дополнување како одговор на потребата за нивно приспособување со новонастаната состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

