Македонија
Министерот Шаќири ги повика директорите на училиштата да организираат настава
Зборот на СОНК не издржа ниту едно деноноќие. Одлуката на синдикалното раководство денес е променета и тоа на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта, реагира министерот за образование, Јетон Шаќири по одлуката на Синдикатот кој го отфрли владиниот предлог за зголеување на платите во образованието за 12 отсто.
Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува, вели Шаќири.
Тој ги повика директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Тие имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите, ги предупреди Шаќири.
Исто така, Министерството ги повикува и родителите/старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат/ носат своите деца на училиште.
„Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност!“, порача министерот.
Претходно, вчера начелно беше постигнат договор помеѓу претставници на СОНК и Владата за зголемување на платите за 12 отсто. Се чекаше одлука да донесе членството и Советот на СОНК, кое попладнево соопшти дека предлогот не е прифатлив и штрајкот продолжува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

